Пратениците ја враќаат надежта дека помошта од 6.000 денари ќе стигне до сите

Пролонгирањето на рокот за исплата на помошта, предвиден со законски измени, вчера го прифати матичната собраниска комисија за финансирање и буџет, но тие се во прво читање, што значи дека до донесувањето има уште процедури и со оглед на тоа како работи парламентот може да помине подолг период

83

Граѓаните, кои поради неажурирани податоци во банките не си ја подигнаа помошта од 6.000 денари во првиот рок, треба да побрзаат и навреме да ја завршат таа процедура за да не го испуштат и вториот.

За нив и за оние чии приговори се прифатени од Владата со измени на Законот рокот се продолжува до 31 март, а постапката за нивно носење вчера го помина првиот собраниски филтер. Измените на Законот со кој е овозможена таа помош која е дел од четвртиот пакет антикризни мерки добија виза од матичната собраниска комисија за финансирање и буџет. Предложените измени се во прво читање, па процедурите за нивно носење продолжуваат, но со поддршката од матичната комисија работите се поместија од мртва точка и се врати надежта за реализација на ветувањето од Владата дека оваа помош ќе стигне до сите за кои е наменета.

– Имајќи предвид дека со законот беше предвидено финансиска поддршка да добијат повеќе категории на лица кои, во согласност со првичните проценки изнесуваа околу 245.500 граѓани, а роковите за доставување на листите на корисници беше исклучително краток, се доцнеше со доставување, изготвување и објавување на конечната листа на корисници до банките. Заради краткиот рок на реализација, околу 22 илјади граѓани кои добија финансиска поддршка, а ги немаа ажурирано своите податоци во банките и 2.132 граѓани на кои им се уважија приговорите, а не го остварија правото на оваа финансиска поддршка, се предлага продолжување на рокот за искористување на средствата до 31.03.2021 година, појасни пред пратениците замени министерот за финансии Димитар Ковачевски.

Законот предвидува оваа финансиска поддршка да ја добијат граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.
Со првобитната верзија на Законот беше предвидено помошта да се добие до 25 декември лани и да се користи за купување македонски производи. Бидејќи донесувањето на Законот во Собранието се развлече остана многу малку време за негова реализација, па парите легнува на трансакциските сметки кои граѓаните веќе ги имаа, од каде што ги подигаа во кеш. Поголем дел од нив изјавија дека оваа помош ќе ја искористат не за купување македонски производи како што пишува во Законот туку да платат сметки за комуналии.

Банките строго се придржуваа до крајниот рок наведен во Законот (25 декември) корисниците да имаат ажурирани податоци за да им ги префрлат парите на сметките, па дел од граѓаните не успеаја да ја завршат таа техничка процедура. Од тие причини со законски измени рокот за исплата на помошта се поместува до 31 март годинава. Дотогаш помошта од 6.000 денари ќе треба да си ја подигнат и оние над 2.000 лица, чии преговори се прифатија од вкупно поднесените околу 78 илјади.

Веќе наредната недела, како што е најавено, треба да стартува и петтиот владин пакет антикризни мерки, чија комплетна содржина уште не е објавена. Според досегашните најави во него ќе нема ваква помош за граѓаните, а како директна финансиска поддршка дел од најпогодените од кризата ќе можат да очекуваат во форма на ваучери за туризам. Овој пат тие ќе бидат во вредност од 200 евра, а ќе се делат според принципот „прв дојден-прв услужен“, што значи ќе ги добијат само оние кои први ќе ги побараат до исцрпување на предвидената квота.

(С.В.)