Пратениците прво ќе се одмораат, па ќе расправаат за законот за Јавно обвинителство

118

Пратениците за предложениот Закон за Јавно обвинителство ќе расправаат по одморите. Собранискиот спикер Талат Џафери седницата ја закажа за 27 август. Предлог-законот е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. За негово донесување е потребно двотретинско мнозинство од гласовите, односно поддршка од 80 пратеници.

Владата испрати свој предлог до законодавниот дом во кој ги прифати дел од забелешките на опозицијата и предложи спојување на СЈО со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Предметите на СЈО, според тој предлог, кои се во судска постапка ќе ги преземе новото обвинителство. Исто така, се предлага ресурсите со кои располагаше Катица Јанева да ги преземе тоа обвинителство. Премиерот Зоран Заев, кога го презентираше предлог-законот, рече Вилма Русковска да остане на чело на обвинителството бидејќи сè уште има мандат, а обвинителите од СЈО ако сакаат да конкурираат за обвинители во него, па да одлучува судскиот совет.

За донесување на овој закон потребно е двотретинско мнозинство во Парламентот. Кога го образложуваше и го најави, премиерот Заев побара поддршка од сите политички партии.

Во него, рече, се вградени сите точки за кои е разговарано со опозицијата и со сите пратенички групи, кои се прифатливи за сите, ако не, како што потенцира, за најголемиот број пратеници.

Тој појасни дека со законското решение се предлага СЈО да се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Новото СЈО ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејствување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство.

Сите обвинители од СЈО, додаде, ќе продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат.

– Во законодавниот дом, во домот на демократијата ќе отвориме дијалог со сите политички партии и пратенички групи во Собранието, каде што е местото. Текстот што ќе биде предложен ги вградува оние точки за кои досега сме разговарале со опозицијата и со сите други пратенички групи и навистина беа барања на опозицијата, рече Заев и додаде дека очекува дека ќе биде достигнато двотретинското мнозинство.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак смета дека со предлогот на СДСМ, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева треба да биде унапредена во републички јавен обвинител, а другите обвинители да бидат преземени од новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција што треба да се формира. Ова, рече Мицкоски, е грубо кршење на Законот за СЈО кој предвидува овие обвинители по завршувањето на мандатот да се вратат во матичните обвинителства. Затоа, како што рече, предлагаат свое решение. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е овие обвинители по престанокот на мандатот да се вратат во матичните обвинителства.

-Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е сите обвинители согласно законот на СЈО да се вратат во матичните обвинителства после престанокот на мандатот, детална истрага за срамниот случај Рекет, проверка на инволвираноста на Катица Јанева, нејзината релација и врска со двајца осомничени кои се наоѓаат сега во притвор, но не и помалку значајна нејзината релација со определени псевдоними за кои што јавноста шпекулира дека се дел од врхушката на власт, рече Мицкоски.

Во однос  на предметите на СЈО, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е сите предмети до 30.06 2017 година, наместо да бидат преземени од новото обвинителство, да бидат преземени од државниот јавен обвинител и прераспредени онаму каде што овие дела припаѓаат.