Пратениците имаат само две недели за да им овозможат на работниците да не работат во недела

Измените на законите експресно се ставија на  дневен ред во Собранието откако ССМ јавно побара во најкус можен рок да се закаже седница за да може работниците да го користат правото недела да биде неработен ден од први октомври како што е договорено од сите социјални партнери во државата. Организацијата на работодавачи во последен момент поднесе барање во недела да може да работат и градежниците и земјоделците, но само кога поради временски непригоди ќе бидат спречени да работат во работен де

706

Собранието конечно ги почнува процедурите за донесување на измените на законите со кои неделата треба да биде неработен ден за поголем дел од вработените, а на останатите, кои ќе работат во недела ќе им се плаќа повисока дневница.

Вчера на Комисијата за европски прашања на дневен ред беа измените на Законот за трговија со кои се решава прашањето за работа на трговците во недела. Овој закон е со европско знаменце.

За предложените измени на Законот за работни односи, со кој генерално се воведува неработната недела, пратениците ќе расправаат во матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика в понеделник, на 20 овој месец.

Сега пратениците имаат време од само две недели за да им овозможат на работниците веќе  да не работат во недела.

И двата закона се во второ читање, што значи по комисиските расправи ќе остане уште да се донесат на пленарна седница. Инаку, првото читање заврши уште во јули, па нивното неставање на дневен ред се до вчера создаде мала паника меѓу социјалните партнери, со оглед на тоа што е договорено неделата како неработен ден да стартува од 1 октомври. Вчерашното ставање на дневен ред на измените на Законот за работни односи следува по јавното барање на Сојузот на синдикатите на Македонија Собранието во најкус можен рок да закаже седница на која ќе бидат разгледани предложените измени со кои недела се прогласува за неработен ден.

-На тој начин ќе се исполнат сите законски претпоставки, измените на законот да бидат ставени на дневен ред на седница на Собранието, навреме, за да може работниците да го користат правото недела да биде неработен ден со почеток од први октомври оваа година како што беше договореното од сите социјални партнери во државата, истакнаа од ССМ.

Тие очекуваат Собранието да го испочитува и да го реализира сето она што е договорено на ниво на Економско-социјален совет.

Од Организацијата на работодавци пак, очекуваат во конечниот текст на изменетиот Законот за работни односи да влезат две нивни последни забелешки со кои би се овозможило во одредени ситуации во недела да работат и градежниците и земјоделците, за кои законто предвидува недела да е неработен ден.

-Очекуваме да се прифатат нашите барања доставени до Владата кога има невреме да им се дозволи на вработените во земјоделството и во градежништвото да работат во недела за да ги запазат роковите. На пример, ако во работни денови врне, не може да се асфалтира. Затоа, бараме несработеното поради временските непригода да може да се заврши во недела. Или, кога има невреме не може да себере грозјето. Но, тоа не може да чека, па затоа бараме да се дозволи во такви ситуации бербата да може да се врши во недела, појаснува за весникот ВЕЧЕР претседателот на ОРМ, Ангел Димитров и додава дека во тој случај работниците би се плаќале како што е предвидено со закон за работа во недела.

За овие две законски измени не се најавени  блокади од одредени пратенички групи, па се очекува тие да се донесат во наредните две недели, за да можат да стартуваат според планот, на 1 октомври.

Со измените на Законот за трговија, кои се први  ставени пред пратениците, во недела ќе може да се работи само во специјализирани продавници или киосци за сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност, продавниците на бензинските станици, на киосците и штандовите, во  трговските центри со најмалку 8.000 квадратни метри, на штандовите и киосците за продажба на спортски настани, фестивали и слично, продавниците за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата, како и на зелените пазари.

Трговците во моловите и самите молови во недела ќе смеат да работат само до 18 часот, а во буџетот ќе треба да уплатуваа два отсто од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници. Собраните средства треба да се инвестираат во детски градинки, согласно закон.

-Додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100 проценти, за секој час поминат на работа, стои во измените на Законот за трговија и се додава дека ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата, согласно закон.

Со Законот за работни односи се дозволува работа во недела за четириесетина дејности во кои не смее да се прекинува процесот, како на пример одгледувањето животни, мешовитото фармерство, рударството, пекарските дејности, угостителството, аптеките, ветеринарите, печатење и издавање весници, металната индустрија и други. Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50 проценти за секој час поминат на работа, а денот за неделен одмор треба да се искористи во наредните седум дена.

Во јавниот сектор, пак, 30 проценти од вработените се во групата на оние за кои се дозволува работа во недела. За да се платат со неделна дневница  месечно од државниот буџет ќе се трошат по 43.100.000 денари, додека на годишно ниво сумата изнесува 516.600.000 денари.

Со сите овие исклучоци и во трговијата и во другите дејности, анализите на Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека за над 95 проценти од вработените во државата неделата, сепак, ќе биде ден за одмор.

За работодавците кои нема да ги почитуваат новите правила за неделата како ден за одмор предвидени се клуч на врата и парични казни.

(С.В.)