Празнична маршута на планинарското друштво ,,Голачка срна” до црквата Св.Архангел Михаил во село Драмче

102
По повод празникот „Св.Архангел Михаил”, членови на планинарското друштво „Голачка срна” реализираа маршрута до истоимената црква во селото Драмче.

Како што информираа од друштвото, маршрутата била долга повеќе од пет километри, а меѓу другото, планинарите се запознале со историјатот на самата црква.

-Се работеше за лесна патека која без проблеми ја поминаа сите планинари. По пристигнувањето во Драмче се приклучивме на црковно-народниот собир кој секоја година по повод христијанскиот празник „Св.Архангел Михаил” се одржува пред истоимената црква која е една од најстарите на ова подрачје, истакнаа од „Голачка Срна”.
По повод празникот, како што додадоа, црковниот одбор од село Драмче подготвил заедничка трпеза за сите присутни.
-Од она што ни го кажа мештаните црквата во минатото често била опожарувана од Османлиите и била разрушена до темел, во исто време, кога биле опустошени и црквите во Црквенец, Селник и други населби. Таа била центар на црковниот и просветниот живот во Драмче. Градена е врз темелите на големата црква „Св. Богородица“ од VI-VII век, а се претпоставува дека „Св.Архангел Михаил” е средновековна црква од XI век, додадоа од ПД „Голачка Срна”.
 
Црковно-народниот собир кај Драмче, минатата година не се одржа поради пандемијата.