ПРАЗНИЦИ СЕ БЛИЖАТ: Граѓаните заслужуваат предновогодишни прослави, но да не се расфрла со пари !

144

Предновогодишни прослави има, или допрва ќе се одржуваат на градските плоштади низ градовите во Македонија кои се накитени и има поставено елки, а некаде и базари. Оваа година се забележува дека сето ова се прави многу скромно со учество на домашни локални музички изведувачи и забавувачи, со цел да се подигне атмосферата пред дочекот на Новата 2022 година. Ова е веќе втора нова година по ред која ќе ја дочекаме во пандемија со ковид-19, но животот мора да тече и да му се радуваме на различни начини, макар тие биле скромни.

Битола почна „зимска приказна“ под отворено небо

Со голем концерт на групата Фолтин денеска почна „Зимска приказна“ на платото пред реконструираниот Офицерски дом во Битола. Се до новогодишниот дочек на 31 декември, платото е претворено во празничен плоштад на кој 9 денови под отворено небо ќе се случува празнична програма.

Од општината потенцираат дека во деветте дена до Нова година се планираат дури 57 различни проекти, во кои ќе настапат музички групи, редица диџеи, театарски претстави, учесници на детски музички фестивали, а ќе се одржуваат и работилници во збирно над 60 часа активна програма, што ќе ги анимираат битолчани во претпразнична атмосфера.

Сите ангажирани учесници се избрани на јавниот конкурс кој го објави Општина Битола, неодамна кој побуди голем интерес, мотивирајќи ги сите локални артисти да се пријават, со цел да се поддржи нивната уметничка работа, особено во годината кога заради протоколите имаа ограничен број на ангажмани. Во листата на изведувачи покрај „Фолтин“ се „Паркети“, „Боеми“, „Ние запирка другарите“, Фонтана и други, десетици битолски диџеи, Камерниот оркестар на Битола, Дувачкиот оркестар, актери, театарски претстави и редица други изведувачи.

На оваа локација ќе имаат можност и малите бизниси, како што се занаетчиите, селектирана угостителска понуда и анимација да се промовираат, нудејќи придружна понуда која ќе асоцира на празници и славење.

– Заради доаѓањето на празниците и заради ставот да гледаме реално на проблемите, а не да се луксузираме, со моите соработници си го поставивме ова прашање: Дали Битола треба “да светка” во енергетска криза? Секоја разумен човек, во вакви мигови треба да размислува рационално. Оттука и одлуката, да се осветли едноставно и елегантно Широк Сокак со лед светилки и така да биде оваа година. А центар на збиднувањата да биде платото пред Офицерскиот дом кој ќе понуди и програма и начин за јакнење на локалните мали бизниси – истакна градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Според него, прослави треба да има, затоа што граѓаните заслужуваат, но сумите да бидат разумни.

Кавадарци блесна со новогодишен сјај!

Градот е украсен како никогаш досега. На плоштадот и низ улиците може да се види новогодишната декорација со нови украси, новогодишна елка и осветлување со кои се чувствува празничната атмосфера.

Има и Божиќен пазар во украсени куќарки, каде кавадарчани можат да навраќаат да се стоплат или освежат со некој пијалак, храна, но и да купат по некој новогодишен украс.

– И бидејќи новата година ни чука на вратата, можеме да се подготвиме за празнично расположение во кое се добредојдени сите и да уживаме во звуците на најубавите новогодишни и божиќни песни – истакна градоначалникот Митко Јанчев.

Крива Паланка новогодишно почнува од понеделник

Предновогодишната забава во Крива Паланка на новиот плоштад започнува од понеделник во рамките на таканаречениот Кривопаланечки новогодишен базар, со настапот на Тајфата, а граѓаните ќе ги забавуваат и Елена Велевскаво, Пајак и Јован и Владо Јаневски.

Вторник е резервиран за Артист бенд и Insertakick, како и групата Нокаут. Во среда граѓаните ќе можат да уживаат во песните на YU for YU Бијело дугме, а потоа ќе настапат Два Бона и Исак Шабановиќ.

Четвртокот ќе биде резервиран за децата. Во детската програма ќе настапи хорот „Златно Славејче“, а ќе има и кловнови, жонглери. Децата ќе ги посети и Дедо Мраз. Попладнето граѓаните ќе ги забавуваат Слаткар, дуото Дац и Александар и „Брасс брадрс“.

И во петок на 31 декември, точно напладне продолжува детската дневна програма со хорот „Распеано симитче“, а исто таа ќе има и кловнови, жонглери и повторно саканиот Дедо Мраз.

Освен музика и забава, граѓаните ќе можат да купат и греано вино, греана ракија, чај, но и колбаси, палачинки, новогодишни пакетчиња, како и новогодишни сувенири во куќарките на плоштадот.

Изложби, концерти, претстави во Ресен

Со постхумна изложба на Орце Божиновски „Светот низ очите на Орце“ и промоција на книгата „Уништување“ на Божидар Божиновски (Моџо Килингтон), домот на културата „Драги Тозија“ од Ресен в понеделник почнува со предновогодишната програма.

За следниот ден, во ресенскиот Сарај, предвиден е концерт на класична музика на пијано и гитара со Гоце Милошевски, Јован Симоновски и децата од школата за пијано. Неизоставен дел од програмата е новогодишниот стендап на Марјан Ѓорѓиевски, во среда, а за четврток најавен е концерт на групата „ Персиди“.

Во новогодишната програма за најмладите, како што соопшти Домот на културата, на 31 декември, на Градскиот плоштад ќе биде изведена детската театарска претстава на знаковен јазик – „ТРИ“ од театарот ,,Ато”, во режија на Јован Ристовски, настап ќе има и детскиот хор „Весели бисерчиња“ од Охрид, а ќе се одржи и новогодишен базар со детски изработки.

Предвидено е доделување на наградите од литературните конкурси „Свети Климент“ и „Новогодишна желба“. Присутните ќе ги забавуваат кловнови, магионичар, маскоти и Дедо Мраз.

Новогодишен хуманитарен базар во Велес

Почнувајќи од 11 до 14 часот денеска ќе се одржи Новогодишен хуманитарен базар на платото пред театарот „Јордан Х.К. Џинот“ во Велес.

Од Општина Велес информираат дека на Новогодишен хуманитарен базар ќе бидат изложени новогодишни украси и честитки рачно изработени од ученици и вработени во основните и средни општински училишта, детската градинка и средношколскиот дом. Средствата што ќе бидат собрани од продажбата ќе бидат наменети во хуманитарни цели.

Прилеп ќе светне со лански украси

Централното градско подрачје во Прилеп и оваа година ќе биде осветлено и украсено во духот на новогодишните празници. Украсувањето на градот ќе биде со истите новогодишни украси од изминатите години и без никаква финансиска импликација врз и онака преоптоварениот буџет на општина Прилеп.

– Локалната самоуправа предводена од градоначалникот Јовчески, ќе се потруди да се почувствува новогодишната атмосфера за претстојните празници, на која најмногу се разбира се радуваат најмладите – нагласија од локалната самоуправа.

(С.Бл. – А.П.)