Правото на социјална пензија од 6.000 денари ќе важи од почетокот на годинава

3841

Ваква пензија ќе им следува на околу 6.000 лица со навршени 65 години кои го немаат потребниот стаж од 15 години за да остварат старосна пензија. Заедно со овие пари ќе се добива и здравствено осигурување и од октомври до мај по 1.000 денари за трошоците за енергенси, но само ако овие права веќе не се остваруваат по друг основ

Право на шест илјади денари социјална пензија и на уште една илјадарка во грејната сезона и тоа почнувајуќи од 1 јануари годинава, ќе добијат околу 6.000 постари жители на Република Македонија кои не успеале да остварат право на старосна пензија, а немаат никакви други приходи.

Предлог-законот за социјална сигурност за стари лица со кој е предвидено ова право е влезен во Собранието и чека ред кај пратенците за прво читање. Но, исплатата на средствата може да се оддолжи повеќе месеци, особено затоа што е оставен простор неопходниот правилник да се донесе во рок од три месеци по неговото стапување во сила. Како и да е, во последниот член од Предлог-законот стои дека влегувањето во сила е осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник#, а примената од 1 јануари 2019 година.

Според предложениот закон, право на популарно наречената социјална пензија имаат државјани на Република Македонија со навршени 65 години возраст, кои во последните 15 години имаат постојано место на живеење во државата, немаат имот и имотни права од кои можат да се издржуваат, не се корисници на пензија од Република Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава, не остваруваат приходи и имаат пријавен пензиски стаж во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, или стаж на осигурување во траење помалку од 15 години. Но, во заедниците во кои во брак или вонбрачно живеат две лица кои ги исполнуваат овие услови, социјална пензија ќе може да добие само едно од нив.

Анализите покажале дека со овие правила корисници на социјална пензија можат да бидат 6.000 лица. Тие месечно би добивале по шест илјади денари, а од октомври до мај уште по 1.000 денари за да покријат дел  од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, но под услов таков додаток да не добиваат по друг основ. И двете суми ќе зависат од трошоците на живот, па ќе се зголемат ако тие пораснат. Во пакет со социјалната пензија може да се добие и здравствено осигурување.

– На корисникот на правото на социјална сигурност за старите лица му се обезбедува право на здравствена заштита, во согласност со овој закон и прописите од здравственото осигурување. Здравствена заштита се обезбедува само доколку не може да се стекне со осигурување по друга основа, стои во Предлог-законот.

За реализација на оваа давачка во буџетот на државата за оваа и неколку наредни години се предвидени по 268.800.000 денари, или околу 4,4 милиони евра.

За тоа кој ќе добие социјална пензија во прв степен ќе одлучува центарот за социјални работи во местото на живеење на барателот. Центарот ќе има рок од 30 дена за да ја донесе одлуката.

Предвидено е социјална пензија да не им следува на лица кои центарот на подолго од 30 дена ги сместил во установа за вонсемејна социјална заштита, здравствена или друга установа. Исто така, социјална пензија нема да може да добие ниту корисникот кој при поднесувањето на барањето дал невистинити или нецелосни податоци за материјалната, семејната и имотната состојба за себе, брачниот другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница. Во таков случај правото на социјална сигурност за стари лица нема да може да се користи во наредните 12 месеци.

– Досегашните анализи укажаа на потребата за обезбедување на посебна заштита на лица на 65-годишна возраст, кои не оставруваат услови за стекнување на право на пензија. Притоа се има во предвид долготрајниот транзициски период кој влијае да одредена категорија на лица не можат да го исполнат условот за остварување на пензија преку пријавен пензиски стаж во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија или стаж на осигурување од најмалку 15 години. Со тоа овие лица се наоѓаат во ризик од сиромаштија и потреба од посебна помош. Имено, анализите покажуваат дека постои група на граѓани кои имаат одреден пензиски стаж, но не ги исполнуваат условите за пензионирање, но се ценеше дека сепак имаа придонес во општеството и грижата за своето семејство и децата, стои во образложението на Предлог-законот за социјална сигурност за старите лица.

(С.В.)