Правнукот на војводата Русински по патеките на илинденците 

867

-Чувството да се доживее вакво нешто е непроценливо. Јаваме низ Македонија, поминуваме низ предели од кои застанува здивот. Преубаво е, нема доволно зборови со кое може сево ова да се опише – со возбуда за весникот ВЕЧЕР раскажува Вејчеслав Поповски, кој е потомок на војводата Никола Петров Русински, кој за прв пат е дел од илинденскиот коњанички марш. Триесетиедногодишната Драгана Каловска, која веќе четврта година е на маршот и е една од ретките жени која рамо до рамо со момците учествува на оваа  традиционална манифестација, вели: “Јаваме низ  различни предели, се дружиме, има секакви случки, дури паѓања од коњ“…  

 

Непроценливо искуство, минување низ прекрасни предели кои не можат да се видат или набрзина се поминуваат кога си со автомобил, уживање во природа.

Вака, 20-годишниот Вејчеслав Поповски, за весникот ВЕЧЕР ги пренесува доживувањата, кој заедно со 18 коњаници е дел од традиционалниот Илинденски коњичкиот марш, што на 27 јули попладнето тргна од  Горно Лисиче кон Крушево, каде на 2 август, коњаниците ќе положат цвеќе на споменикот на Мечкин Камен, со што ќе се одбележи најголемиот македонски национален празник – Илинден.

Тие со предавањето на општинското знаме од страна на градоначалникот на Аеродром, Златко Марин, го започнаа своето патешествие каскајќи, галопирајќи, јавајќи на своите коњи.

-Љубовта кон татковината, кон нашите предци, беа мојот мотив да се приклучам на коњаницата. Освен тоа, и јас потекнувам од комитско семејство. Мојот пра, пра, прадедо е познатиот војвода на Македонската револуционерна организација, Никола Петров Русински. Инаку, по потекло сум од Пехчевско, село Негрево, а живеам во населбата Кисела Вода, во Скопје-раскажува Вејчеслав.

Во моментот кога ги пренесуваше впечатоците од патувањето, тој и останатите другари, како што вели, одморале кај Богомила.

-Чувството да се доживее вакво нешто е непроценливо. Јаваме низ Македонија, поминуваме низ предели од кои застанува здивот. Преубаво е, нема доволно зборови со кое може да се опише – со возбуда вели Вејчеслав.

Кога ќе поминат половина пат од планираната рута за тој ден, тие одмораат и ручаат, а навечер преспиваат на ливади, покрај река, во некоја црква, како ќе се снајдат. За среќа, времето добро ги служи.

Дел од овој возбудлив коњанички поход веќе со години е и триесетиедногодишната Драгана Каловска, која е една од ретките жени која рамо до рамо со момците учествува на традиционалниот коњанички марш.

– Најважно од сè е дека меѓу коњаниците има дружење, смеење, има и паѓања од коњ, но, досега, фала му на бога никој посериозно не се повредил. И мојата колешка требаше да јава заедно со нас, но на тренингот пред да тргнеме се повреди и сега само нè придружува. Таа беше и лани во коњаницата. Јас сум со поголемо искуство. Веќе четврта година по ред сум дел од овој Илинденски коњички марш – раскажува за весникот ВЕЧЕР Каловска.

Таа вели дека иако е жена, има голема поддршка од момците кои се дел од коњаницата.

-Тие ми помагаат секогаш, таму каде што физички не можам, но третманот за сите е еднаков, вели Каловска.

Интересно е тоа што, како и во илинденскиот период, и тие имаат војвода.

-Да, да и ние имаме војвода… се смее Каловска и продолжува…. Тоа е Бојан Ачковски од Горно Лисиче. Сите го слушаме него. И тука си има ред и правила. Војводата е со најдолго искуство во јавање и најстар по години. Така и се бира – го објаснува редот во коњаницата, Каловска.

Таа вели дека минуваат низ различни предели, јаваат и на асфалт, но се пробиваат и низ ридови што предизвикува посебно чувство.

-Затоа, треба многу да внимаваме, како на нас, така и на коњот и да го храниме, бидејќи тој е многу чувствително животно. Секој мора да се грижи за својот коњ -објаснува Каловска.

Таа потенцира дека е учесник во овој марш бидејќи сака да даде своевиден придонес и почит кон она што илинденците го имаат направено за Македонија.

-Овој марш го следев и претходно, па и јас сакав да бидам дел од него – вели таа.

Пред да започне маршот Драгана се подготвува и тренира на коњот на својот чичко во Љубанци.

-Искуството си го прави своето. Ако првиот пат се подготвував два месеци, сега ми беа потребни две недели до еден месец.

Кога ќе заврши манифестацијата во Крушево, коњаниците се враќаат назад, но не на своите коњи, бидејќи тие се превезуваат со камион.

Првиот Илинденскиот марш бил организиран во 1978 година од Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.

Како што велат од Здружението, овој марш за прв пат е инициран од тројца луѓе:Гоце Стефковски, Борче Стефковски и Борис Змејковски. Тие тогаш самоиницијативно решиле со коњи да одат во Крушево. Бидејќи наредната година им било забрането, оваа иницијатива стагнира и по 20 години, во, 1998 година, повторно е обновен. Оттогаш, тој традиционално се организира секоја година.

(А.П.)