По 60 години, втора премиера на „Мирно лето“ – овој пат дигитална

44

Во летното кино на Кинотеката на 11 јуни, од 20 часот, ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија: „Мирно лето“, на режисерот Димитрие Османли, од 1961 година.

На проекцијата ќе ѝ претходи видео во кое д-р Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија. А пред и после филмот, за доловување на атмосферата од 60-тите години на минатиот век ќе се погрижи реномираниот џез-вокалист Џон Илија Апелгрин со својот бенд со свој краток перформанс. Инаку, Апелгрин e внук на Илија Џувалековски, кој се појавува во една од водечките улоги во оваа комедија. Дигитално реставрираниот „Мирно лето“ ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните пет дена по оваа негова втора, „дигитална премиера“.

Инаку, годинава навршуваат точно шест децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Дара и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди: Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова.