По 2.000 евра за сите завеани на автопатот во Грција, наложи премиерот

780

Снежното невреме „Елпида“ го запре сообраќајот на обиколницата околу Атина, а над илјада возачи беа заробени повеќе од 20 часа. Во нивното ослободување учествувала и војската.

Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, побара отштета од 2.000 евра за заглавен автомобил, од компанијата задолжена за автопатот „Атики одос“, која не успеа да го исчисти патот, иако невремето беше најавувано неколку дена однапред.

Возачите кои со часови останаа заглавени со нивните автомобили на автопатот што ги поврзува предградијата во Атина, ќе добијат оштета од 2.000 евра, а 1.000 ќе биде оштетата за патниците кои останаа заглавени во возовите поради прекинот на железничкиот сообраќај.

По фијаското со илјадници заробени возачи и нивните маки, компанијата наводно го прифатила барањето на премиерот, а се очекува официјална потврда дека на сите завеани возачи на автопатот ќе им биде исплатена отштета, јавуваат грчките медиуми.

Снежната бура во Грција од која најпогодена беше областа Атика, поширокиот регион на Атина, создаде низа проблеми. Повеќе атински населби останаа без електрична енергија, од јавниот превоз во Атина функционираше само метрото, трамвајот сообраќаше само во еден дел од линијата, а автобусите и тролејбусите од понеделник попладне се повлечени.

Најсериозна беше ситуацијата на автопатот „Атики одос“ што ги поврзува атинските предградија, каде што беа заглавени околу 1.800 автомобили и околу 3.500 граѓани над 12 часа останаа заглавени. Во понеделник навечер беше активирана војската која во текот на целата ноќ интервенираше за да им помогнат на возачите, а операцијата продолжи и во вторник наутро.