По 13 години низ нафтоводот Скопје – Солун ќе тече дизел 

227

По 13 години откако беше затворен вентилот, има можност наскоро да протече дизел низ нафтоводот Скопје – Солун, за потребите на Македонија и на Косово. „Вардакс“, претпријатието што стопанисува со нафтоводот, на 23 ноември доставило барање за добивање лиценца за работа до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и доколку ја добие, тоа би значело, прво, дека ќе го промени името во Продуктовод и второ, ќе обезбедува значителни приходи од транзитот на дизелот кон Косово.

Преку фирмата „Нафтовод“, македонската држава е сопственик на 20 проценти во овој нафтовод, а поголемиот удел е на грчката „Хеленик петролеум“. За да почне одново да тече гориво низ цевките, треба да се направат измени на неколку законски и подзаконски акти.

– За вршење на енергетската дејност, ќе се користи Продуктоводот Солун – Скопје со должина од 213,5 километри. Номинален дијаметар на продуктоводот од 16 инчи и со носивост за транспорт од 2,5 милиони тони годишно на дизел од „Хеленик петролеум“, Индустриски комплекс Солун терминалот до терминалот на ОКТА АД Скопје. Временскиот период за кој се бара издавање лиценца за вршење енергетска дејност транспорт на нафтени деривати преку Продуктовод е 35 години – велат од РКЕ.

Во моментов има и крак, чија изградба е стигната до скопско Арачиново, што треба да продолжи кон Косово. Неодамна и Србија најави дека ќе гради нафтовод до границата со Македонија.

Нафтоводот е затворен од 2013 година, кога од „Хеленик петролеум“ оценија дека неговото работење е непрофитабилно. „Хеленик петролеум“ поднесе барање против Скопје за исплата на надоместок, поради непочитување на клаузулата за откуп на енормно пропишани количини гориво од грчката компанија во периодот 2008-2011 година.