По Бугарија, сега и во Хрватска се разговара кои прашања да им се постават на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора како предуслов за пристап во ЕУ. Сè што е релевантно за историјата на Хрватите на етнички хрватската територија и пошироко, ќе треба да се врати, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

 

По Бугарија, сега и Хрватска расправа за вето против кандидатите за пристап во ЕУ. Станува збор за Србија, Босна и Црна Гора. Отворените историски контроверзии служат како оправдување.

„Примерот на Бугарија е преседан. Сега кога владата во Софија успеа да ги направи билатералните историски спорови со Северна Македонија официјален дел од преговорите за пристапување во ЕУ, другите земји членки добиваат „инспирација“. Во Хрватска, која влезе во ЕУ во 2013 година како последна нова членка до денес, расправата за тоа е веќе започната“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пренесува „политички.ба“

Мајкл Мартенс, новинар на ФАЦ, наведува дека во Загреб веќе разговараат кои прашања да им ги постави на соседните балкански земји како предуслов за нивно пристапување во Европската Унија.

Тој потсетува дека Хрватската академија на науките и уметностите (ХАЗУ) веќе  дала својот „придонес“.

Дополнително се споменуваат наводно нејасни граници

„На пример, од Босна треба да се побара уставна реформа. Босанските Хрвати се растргнати меѓу сецесионизмот на Србите и унитаризмот на муслиманските Бошњаци. Затоа, неопходно е тие да добијат свој дел од земјата, таканаречениот ентитет – вклучувајќи ги „сите права што произлегуваат од него“, како што се вели во документот.

Од владата на Босна и Херцеговина во Сараево, исто така, треба да се побара да ја признае „вистинската, ослободителна улога на Хрватска и Хрватите“ во одбраната на земјата од српската агресија во војната во Босна (1992 до 1995 година)“, велат од ФАЦ. Исто така се додава дека се бара властите на Босна и Херцеговина да престанат со „лажно обвинување на Хрватите на суд“, односно повеќе да не ги казнуваат воените злосторства, наводно, извршени од Хрватите во Босна.

За Црна Гора, по неколкуте активности кои веќе ги спроведе официјална Подгорица, како да му даде место на „ситното хрватско малцинство“ во парламентот на таа земја, сега се бара „Црна Гора, доколку сака да напредува во преговорите за влез во ЕУ, мора да побара прошка за злосторствата извршени во тоа време“.

Најголем дел од барањата се насочени кон Србија

Мартенс пишува и дека најмногу барања се упатуваат до Србија и истакнува дека тоа не е изненадување.

„Белград мора да престане да „поттикнува непријателство кон Хрватска“, мора да се откаже од „митот за Јасеновац“.

Според предлогот на Академијата, „политички коректната“ оценка на улогата на кардиналот Алојзије Степинац, кој беше надбискуп на Загреб за време на Втората светска војна, може да стане и критериум за прием на Србија.

Понатаму, се бара Србија да ја признае агресијата врз Хрватска во 1990-тите, пред сè со плаќање воени репарации.

ХАЗУ, наведува ФАЦ, понатаму, бара и враќање на историските материјали од Србија, особено оние поврзани со „хрватската пролет“ од пред 50 години.

Тоа, на прв поглед, може да изгледа во ред. Но, кога подобро ќе погледнете што пишува Академијата, ќе видите дека тоа е напор „да се пропише одредена „историска вистина“ како единствена точна и обврзувачка“.

Сè што е релевантно за историјата на Хрватите на етнички хрватската територија и пошироко ќе треба да се врати.

„Тенденцијата да се префрлат билатералните историски спорови од академскиот свет во дневната политика и да се постави услов за продолжување или дури и почеток на преговорите за пристапување во ЕУ е сигурен начин конечно да се запре пристапниот процес на Балканот. Резултатот би бил дека спорот за бројот на жртвите во концентрациониот логор или улогата на католичкиот свештеник за време на нацистичката ера ќе одлучи дали целата земја ќе биде блокирана, дали на целата генерација ќе ѝ биде дозволен влез во ЕУ или не“, пишува ФАЦ.

Весникот наведува дека предлозите веднаш биле проследени до претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ.

„Тоа навистина треба да му се допадне на Милановиќ, хрватски националист. Веројатно е само прашање на време кога тој или другите политичари во земјата ќе ги прифатат идеите на Академијата како свои. Ова брзо може да доведе до политичка динамика од која е тешко да се најде излез, бидејќи силите кои се подготвени на компромис се прикажани како „предавници на татковината“ се вели во анализата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.