ПО ПОВТОРЕНОТО РАНГИРАЊЕ НА ПОНУДИТЕ ОД 2011 ГОДИНА: Избрана германската “Шолц” со кинески газда, за концесионер на “Дрисла”

141

Изборот на нов концесионер на “Дрисла” ќе биде ставен на одобрување од Советот на Град Скопје на вонредна седница што ќе се одржи наредната среда. Тогаш ќе бидат и обелоденети условите под кои идниот концесионер ќе стопанисува со единствената депонија во земјава која исполнува стандарди за одлагање на комунален смет и за спалување на медицински отпад.


Со депонијата “Дрисла” и натаму ќе стопанисува концесионер. Но, тоа нема да биде сегашната италијанска компанија „ФЦЛ Амбиенте“, туку најверојатно друга, од Германија. Како што се дознава, Комисијата формирана од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов деновиве ги бодувала понудите на трите фирми кои влегоа во втората фаза на тендерот за избор на концесионер објавен во 2011 година. И според резултатот од бодувањето, највисоко рангирана е германската компанија “Шолц” во конкуренција на сегашниот концесионер „ФЦЛ Амбиенте“, и австриската „АСА“.

Од Град Скопје потврдуваат дека германската компанија е прворангирана. Оттаму нагласуваат дека изборот на нов концесионер на “Дрисла” ќе биде ставен на одобрување од Советот на Град Скопје на вонредна седница што ќе се одржи наредната среда.

– В среда Советот на Град Скопје ќе ја одржи својата 30 седница на која ќе расправа за избор на приватен партнер за вложување во Јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад “Дрисал”-Скопје, со цел вршење на концесиска дејност депонирање на отпад на депонијата Дрисла. Одлуката ќе биде конечна откако Советот ќе ја изгласа и тогаш ќе бидат соопштени условите под кои идниот концесионер ќе ја управува депонијата, за ВЕЧЕР велат од Град Скопје.

Актуелниот концесионер „ФЦЛ Амбиенте“ на 4 јануари 2013 година ја доби “Дрисла” на 35-годишна концесија откако беше избрана за прворангирана. Таквата одлука веднаш судски ја обжалија од “Шолц” поради нерегуларности во тендерската постапка. Иако Управниот суд пресуди повторно да се разгледа постапката и да се склучи нов договор, тогашниот градоначалник на Град Скопје ја игнорираше судската одлука и повторно и тоа два пати, склучуваше договор со италијанската компанија. Германците повторно се жалеа и во октомври 2017 година Управниот суд одлучи Град Скопје да го раскине договорот со „ФЦЛ Амбиенте“ и да склучи нов со „Шолц“.

Градоначалникот Шилегов поднесе жалба до Вишиот Управен суд, во која бараше да се врати депонијата во сопственост на Градот. Жалбата на Град Скопје ја уважи судот во јули 2018 година, со што наложи да се направи ново бодување и рангирање на трите фирми кои учествуваа на тендерот од 2011 година. Шилегов им забележа на италијанскиот концесионер дека не исполниле одредби од договорот, како што се изградба на нова постојка за спалување на индустриски и медицински отпад, постојка за селекција на отпадот, да произведуваат струја од ѓубрето, нова механизација и нова административна зграда.

Управувањето и третирањето на отпадот е доходовен бизнис насекаде во светот. На интернет страницата на скопската депонија можат да се најдат податоци дека за десет години “Дрисла” заработила најмалку 4,7 милиони евра од палење медицински отпад. Па така, за периодот од 2005 до 2015 година на депонијата биле согорени 5.176.808 килограми медицински отпад.

Инаку, германската “Шолц” од октомври 2016 година е во сто процентна сопственост на една од најголемите глобални компании за рециклирање на старо железо „Чихо Инвајрментал Груп“ од НР Кина. Во Азија, Европа и Северна Америка поседуваат над 200 погони за преработка. Во групацијата на “Чихо”, освен “Шолц” се и американската “Либерти ајрон&амп;метал” и воглавно се ангажирани во бизнисот со отпадни метали за рециклирање, електронски отпад и искористени возила.