По повод 150-годишнината од Виенската државна опера: „Aнa Болена“– трагична и моќна историска приказна

196

„Гаетано Доницети со премиерната изведба на ‘Aнa Болена’ во 1830 година во Милано постигна триумф од невидени размери. Делото, кое е препознатливо по изобилството мелодии и привлечна музичка драматика, успеа во краток временски период да биде вклучено на репертоарот на безброј оперски куќи низ светот“, ќе посочат од Националната опера и балет

По повод одбележувањето 150-годишнина од основањето на Виенската државна опера на платото пред Националната опера и балет ќе се одржи проекција на отворено на операта „Aнa Болена“ на Гаетано Доницети, а како дел од офф програмата на 47. Мајски оперски вечери.

Македонската публика ќе има можност да ја види оваа лирска трагедија во два чина, која е во продукција на Виенската државна опера, и која во април 2011 година, како една од водечките белканто опери беше за првпат изведена во оваа оперска куќа. Диригентската палка е на Евелино Пидо, а режијата на Ерик Џеновезе. Сценографијата на Жак Габел и Клер Штернберг, костимографијата на Луиза Спинатели, кореографијата на Јоханес Хајдер, а хорски диригент е Томас Ланг.

Во насловната улога во операта настапува еден од најпознатите светски сопрани Ана Натребко.

„Гаетано Доницети со премиерната изведба на ‘Aнa Болена’ во 1830 година во Милано постигна триумф од невидени размери. Делото, кое е препознатливо по изобилството мелодии и привлечна музичка драматика, успеа во краток временски период да биде вклучено на репертоарот на безброј оперски куќи, ширум светот. Има причина зошто главните улоги  – англиската кралица Ана Болена која паѓа во немилост на својот сопруг, нејзината дворска дама и нова љубовница на кралот –Џејн Симор, Хенри VIII и лордот Перси до ден-денес се на листата најпосакувани улоги на многу врвни оперски пејачи“, ќе посочат од Националната опера и балет.

Но што ја прави оваа опера интересна за публиката? Нејзиното либрето е настанато врз вистиската приказна за англиската кралица Ана Болена или позната како Ана Болејн. Историски, Ана Болејн е мајка на кралицата на Англија, Елизабета прва или Кралицата девица, која е една од најмоќните владетели на Англија.

Која е Ана Болејн?

Ана Болејн е кралица на Англија од 1533 до 1536 година како втора сопруга на кралот Хенри VIII, кој имал шест жени. Поради нејзиниот брак со Хенри и нејзиното погубување, таа станува една од клучните фигури во политичките и религиските промени кои довеле до англиската реформација. Била школувана во Европа и во 1522 се вратила во Англија.

Во 1525 г., Хенри VIII се заинтересирал за Ана и се обидувал да ја заведе, но таа постојано го одбивала, не сакајќи да биде негова љубовница како сестра ѝ Марија Болејн. Поради тоа, тој сакал да го поништи својот брак со Катерина Арагонска (првата негова жена) за да може да се ожени со Ана. Кога станало јасно дека папата Климент VII нема да го поништи тој брак, почнал распадот на римокатоличката црква во Англија.

Кардиналот на Јорк, Томас Вулзи, бил отстранет од својата должност, наводно поради инсистирањата на Ана Болејн, за подоцна Томас Кранмер, капеланот на семејството Болејн да стане Кантербериски архиепископ. Хенри и Ана се венчале на 25 јануари 1533. Кранмер го поништил бракот на Хенри и Катерина, a 5 дена подоцна бракот меѓу Хенри и Ана го прогласил за важечки. По ова, папата ги казнил Хенри и Кранмер со исклучување од црквата. Поради исклучувањето и бракот, црквата на Англија се разделила од Рим, а контролата ја презел кралот.

На 1 јуни 1533 година Ана била прогласена за кралица на Англија. На 7 септември ја родила идната кралица, Елизабета I. Хенрија обожувал Елизабета, но копнеел по син, надевајќи се дека следното дете ќе биде момче. Меѓутоа Ана доживеала три абортуса, по што Хенри изгубил интерес, а околу март 1536 година тој започнал да ѝ се додворува на Џејн Симор. Во периодот од април-мај 1536 година, Хенри започнал истрага против Ана за велепредавство. Таа била осудена и погубена на 19 мај. Многу историчари веруваат дека обвинувањата, кои вклучувале прељуба и инцест, биле неосновани. По крунисувањето на нејзината ќерка Елизабета, Ана станала симбол за маченик и хероина на англиската реформација. Во подоцнежните години, таа станала инспирација и била споменувана во многу бројни уметнички дела. Таа важи за највлијателната и најважната сопруга на англиски крал, земајќи предвид дека поради нејзе Хенри VIII се развел од Катерина Арагонска и се разделил од Римската црква, нешто што целосно го промениле текот на англиската историја.

Проекцијата на операта „Aнa Болена“ ќе се одржи утревечер (20 мај), со почеток од 20:30 часот, на платото пред Националната опера и балет.