По пишувањето на ВЕЧЕР, институциите се огласија: Градоначалниците да ги дезинфицираат гласачките места!

59

„Државната изборна комисија (ДИК) врз основа на одредбите од Изборниот законик ги задолжува сите градоначалници да организираат дезинфекција на сите гласачки места во објектите за гласање. За оваа законска обврска ДИК во неколку наврати во изминатиот период писмено ги извести единиците на локалната самоуправа, со цел почитување на здравствените протоколи за спроведување на изборите, а поради заштита на здравјето на изборните органи, гласачите и учениците“, се наведува во денешното соопштение на Комисијата од којашто весникот ВЕЧЕР ден претходно побара одговор дали постои протокол кој ќе биде спроведен по изборниот процес во училиштата и училниците каде што на изборниот ден (17 октомври) во најголем дел ќе се одвива гласањето и каде ќе има голем број на гласачи, изборни одбори и комисии.

Дали ден по изборите учениците и наставниците ќе бидат безбедни, со оглед на фактот дека иако гласањето завршува во 19 часот, училниците се користат уште неколку часови потоа заради броење на гласовите и со оглед на краткиот период за проветрување и за дезинфекција на просториите, одговор побаравме и од Министерството за здравство, кое ни одговори дека училиштата се должни да спроведат чистење. „Училиштата се должни да спроведат механичко чистење и дезинфекција на училиштата по завршување на гласање за Избори и тоа не е поврзано со актуелната состојба односно ковид-пандемијата, туку оваа практика е секогаш и важи за секој изборен процес. Дополнително училиштата имаат протоколи за дезинфекција и заштита од ширење на ковид-19 и истите се должни да ги почитуваат“, посочија од Министерството за здравство за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, во статијата објавена во весникот ВЕЧЕР, во која се укажа на потреба не за време, туку по изборниот ден да се дезинфицираат гласачките места, се посочи и на можноста денот по изборите да не се одржи настава со цел да се намали ризикот од зараза од коронавирус кај учениците и наставниците, предлог даден и во соседно Косово од страна на нивниот поранешен заменик-министер за образование, Јусуф Тачи. „Поради големата раздвиженост на луѓето на денот на изборите на 17 октомври 2021, како што препорачуваат и општините, в понеделник, на 18 октомври, не треба да се одржи наставата во училиштата, со цел училишните простории да се проветрат, да се исчистат и да се дезинфицираат и на тој начин да се минимизира можноста од зараза на учениците, наставниците и другиот персонал во училиштата“, посочил Тачи.