Невреме проследено со поројни врнежи, силен ветер како и грмежи се очекува од вторник почнувајќи од северен Балкан – Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина па потоа преку Србија, Црна Гора и Албанија ќе пристигне и кај нас.

Поради судирот на две воздушни маси (многу топлата од југ и свежата од север) локално процесите ќе бидат интензивни со пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења и појава на град кој локално има услови да биде и крупен.

Кај нас во среда доцна попладне и навечер како и во четврток облачноста ќе се зголеми и локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Температурите на воздухот пак до среда ќе бидат екстремно високи и ќе се искачуваат во интервалот од 35 до 42 степени додека пад на температурите и освежување ќе настапи во среда навечер и во текот на ноќта кон четврток.

Во четврток ќе биде попријатно и преку ден кога максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 36 степени.

Освежувањето особено ќе се почувствува во северната половина од државава.

Имајте предвид дека во случај на појава на електрични празнења не треба да се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја, а исто така домашните уреди додека трае невремето да се исклучуваат од струја.