По опасната цистерна на ред дојде тивкиот убиец – линданот

416

Министерот за животна средина, Насер Нуредини, обзнани дека успешно завршил тендерот за избор на изведувач за ремедијација на почвата контаминирана со изомери на линдан од малата депонија во кругот на ОХИС. Од Министерството за животна средина не го обелоденуваат името на конзорциумот кој ќе ја заврши работата сè додека не помине на Влада. Но, како што дознава весникот ВЕЧЕР, станува збор за конзорциум од повеќе реномирани и искусни фирми од Европа во областа на ремедијација на контаминирани површини со линдан.

Тендерот се однесува само за отстранување на 6.600 тони депониран материјал од малата депонија, од кои 1.600 тони се висококонцентриран отпад, а останатите 5.000 тони се земја со која бил измешан линданот. Отстранувањето ќе трае 2,5 години, а досега се обезбедени неповратни финансиски средства од ГЕФ – Глобален еколошки фонд за само една третина од работите за чистење на линданот од малата депонија. Останатите две третини од парите треба да ги обезбеди Владата. Успешното завршување на овој проект е тест за Владата, но и знак за донаторите кои треба да дадат пари за чистење на големата депонија со линдан која е многу поголем проблем од малата 

 

По високотоксичната хемикалија винил хлорид која неделава безбедно е преточена од цистерната во дворот на ОХИС и подготвена за транспорт и извоз од земјата, на повидок е решавање на уште една еколошка жешка точка во заградениот простор на поранешниот хемиски гигант.

Од министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини стигна нова вест – дека успешно завршил тендерот за избор на изведувач за ремедијација на почвата контаминирана со изомери на линдан од малата депонија во кругот на ОХИС.

– Завршена е административната процедура на потпишување на договор со избраниот понудувач, сега следи одобрувањето на деталниот план за ремедијација и активности за обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен и чистење на историската депонија – објави Нуредини на прес-конференција.

Од Министерството за животна средина не го обелоденуваат името на конзорциумот кој ќе ја заврши работата се додека не помине на Влада. Но, како што дознава весникот ВЕЧЕР, станува збор за конзорциум од повеќе реномирани и искусни фирми од Европа во областа на ремедијација на контаминирани површини со линдан.

Тендерот се однесува само за отстранување на 6.600 тони депониран материјал од малата депонија, од кои 1.600 тони се висококонцентриран отпад, а останатите 5.000 тони се земја со која бил измешан линданот. Отстранувањето ќе трае 2,5 години, а досега се обезбедени неповратни финансиски средства од ГЕФ – Глобален еколошки фонд за само една третина од работите за чистење на линданот од малата депонија. Преостанатите две третини од парите треба да ги обезбеди Владата. Успешното завршување на овој проект е тест за Владата, но и знак за донаторите кои треба да дадат пари за чистење на големата депонија со линдан која е многу поголем проблем од малата.

Живот и работа со линданот

Јавноста до лани, кога новинарските екипи влегоа во дворот на ОХИС по испарувањето на хемикалија од бетонски танкер и мирисот го почувствуваа жители од околината, имаше слушнато за двете депонии со линдан (мала и голема) кои се наоѓаат на само стотина метри од многу прометниот булевар „Борис Трајковски“. Но, јавноста за прв пат слушна колку е опасен линданот, кој експертите и докторите го нарекуваат „тивок убиец“. Тогаш новинарските екипи слушнаа од управителот на фирмата „Еко центар 97“, која од доверителите на ОХИС беше избрана да го исчисти отровниот отпад од поранешната фабрика, дека една од халите, каде бил сместен погон за изработка на чевли наменети за италијанскиот пазар и во него парче леб ваделе 50 до 60 жени, е на само два-три метри од ѕидот на големата депонија со линдан.

– Погонот го дислоцираа пред еден месец. Ги гледав жените како овде на пауза пиеја кафе потпрени на ѕидот на депонијата со линдан – ни рече тогаш Владо Момировски, управителот на фирмата „Еко центар 97“.

Тој ни откри дека големата депонија со линдан е голем загадувач на почвата и на подземните води.

– Линданот во прав и течност на големата депонија практично бил истуран на земја. Тоа не е случај со малата депонија за која има изградено бетонско дно и таа не ги пропушта отровите во земјата – им рече тогаш Момировски на новинарите.

Нане Перо, поранешен инженер во ОХИС, во изјава за медиумите се осврна на линданот, потсетувајќи колку е тој токсичен.

– Линданот одеше како алва, додека не го забранија во Германија, Франција, Русија. Потоа, кога немавме каде, алфа и бета изомерите, како и делта што е многу опасен, моравме да ги складираме како нус-производи кои до денес останаа во кругот на фабриката. Гама-изомерот го екстрахиравме со метил алкохол, кој е исто така многу токсичен. Кога одевме на работа, ни мирисаше не само облеката, туку и кожата – истакна Перо.

Изложеностс на линдан го замастува црниот дроб

Истражувањата покажуваат дека 470.000 жители на Скопје секојдневно се изложени на овој отровен пестицид кој е наталожен со децении. Докторот токсиколог, Андон Чибишев за весникот ВЕЧЕР изјави дека треба да се направат серија на лекарски прегледи на жителите кои веќе 15-20 години живеат во близина на ОХИС, бидејќи долготрајното изложување на канцерогениот линдан предизвикува замастување на црниот дроб и други здравствени проблеми. Тој ги повика лицата кои повеќе години биле во непосреден контакт со линданот да направат здравствени испитувања.

– Линданот е канцероген и тој предизвикува долготрајно хронично дејство на организмот – вели Чибишев.

За отстранување на линданот од депониите на ОХИС во кои има складирано над триесет илјади тони, ќе бидат потребни десетици милиони евра (се проценува околу 40 милиони евра). Професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факулте во Скопје вели дека во Физибилити-студијата што била направена со предлози како да се реши проблемот, се наведува дека најбезбедно решение е да се спакува целиот материјал и да се транспортира во некоја од западните земји каде постојат фабрики за уништување на таков вид на отпад.

Линданот е токсична канцерогена супстанција која го загадува воздухот, почвите и подземните води во Скопје. Во светот е забранет за користење од 2006 година, ставен и на листата Перзистентни органски супстанци според Стокхолмската конвенција на Обединетите нации.

(С.Бл.)