Стар или модифициран француски предлог?! Што доби Македонија на маса од Европската Унија за да каже ДА и да ги почне преговорите? Ако се суди по изјавите на македонските власти, предлогот е изменет согласно нашите забелешки по однос на работната верзија и е далеку подобар за нас од претходниот. Но, од Софија пристигнаа сосем спротивни информации – се работи за истиот предлог кој беше одобрен во бугарското собрание!

Какафонија во јавноста настана откако француското претседателство во четвртокот преку нашето МНР до Владата достави предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови. Според премиерот Димитар Ковачевски, во предлогот се вклучени нашите забелешки дека историските прашања и протоколот од Договорот за добрососедство не може да бидат дел од преговарачката рамка, додека според претседателот Стево Пендаровски, овој предложен документ е далеку подобар за нас од претходниот. Министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека модифицираниот предлог ги адресира забелешките што ние ги кажавме по однос на работната верзија на францускиот предлог што беше дистрибуирана помеѓу земјите членки ЕУ, но сепак треба да се разгледа целиот пакет и сите ставови и потоа официјално да се извести Париз за следните чекори.

Премиерот Ковачевски денеска по средбата со коалициските партнери изјави дека во добиениот француски предлог за тргање на бугарското вето за ЕУ се инкорпорирани нашите забелешки и оти претставува солидна основа за градење став.

„Во европскиот предлог имаме дефинирано позиции за јасно прифаќање на македонски јазик, како и протоколот да не биде во преговарачката рамка. Преговарачкиот процес и меѓувладината конференција се инкорпорирани во предлогот, рече Ковачевски, додавајќи дека овој состанок е прв од низата консултативни средби со сите партнери.

Францускиот предлог е поволен за нас и е солидна основа за градење на државнички став за можноста која се отвора за нашата земја, рече премиерот. Сè уште нема усогласен став дали коалицијата го прифаќа предлогот, затоа што, како што рече тој, лидерите прво ќе се консултираат внатре во своите партии пред да дадат согласност за предлогот, но при разговорот во Владата сите имале државнички ставови. Ковачевски повтори дека Владата има план и стратегија што дава резултат. Повтори дека во предлогот јасно и недвосмислено се зборува за македонски јазик, а протоколот за следење на Договорот за добрососедство е надвор од Преговарачката рамка.

Но, бугарската министерка за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска, за БГНЕС изјави дека нема нов француски предлог што се разликува од веќе одобрениот во бугарското собрание, на 24 јуни. Предлогот ги потврдува условите под кои Софија може да го поддржи процесот на европска интеграција на Македонија, а владата во Софија во четвртокот ја одобри оваа одлука на бугарскиот парламент. И француската амбасадорка во Бугарија, Флоренс Робин, потврди дека предлогот на Франција до Македонија за решавање на спорот е идентичен со првичниот што беше изгласан во бугарскиот парламент.

Ковачевски не сакаше да ги коментира пишувањата во бугарските медиуми дека новиот предлог од Франција всушност е истиот, што македонската страна го одби.

– Суштината е дека бугарското собрание во изминатиов период донесе нова резолуција со која ја анулираше претходната резолуцијата која беше рестриктивна за кревањето на ветото и тоа овозможи да дојдеме до овој предлог – рече вчера премиерот. Најави дека нема да има референдум за прифаќање на предлогот, туку ќе оди во собраниска процедура, согласно Уставот и законите.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека модифицираниот предлог на Франција ги адресира забелешките што ние ги кажавме по однос на работната верзија на францускиот предлог што беше дистрибуирана помеѓу земјите членки ЕУ, но сепак треба да се разгледа целиот пакет и сите ставови и потоа официјално да се извести Париз за следните чекори, поради што најави дека тој документ веднаш ќе биде ставен во процес на институционална консултација и увид на јавноста. Според него, доколку го прифатиме овој француски предлог, прашање на денови е кога земјава ќе ги започне преговорите со ЕУ.

Најавата дека е подготвена нова верзија на францускиот предлог дојде од претседателот на Франција, Емануел Макрон, на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, кој нагласи дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија. Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“, додавајќи дека премиерот и претседателот на Бугарија потврдиле дека го прифаќаат предлогот.

Високи дипломатски извори од Советот во ЕУ, брифираа дека предлогот претставува „финален компромис кој одговара на преокупациите што ги изразија Бугарија и Северна Македонија“.

Ако предлогот биде прифатен, ова ќе овозможи исчекор за кој ЕУ работи веќе две години, изјави истиот извор, посочувајќи дека доколку двете страни го прифатат документот, веднаш ќе може да се усвои преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ за Македонија, но и за Албанија, по што ќе може и да се свикаат првите меѓувладини конференции.

Според координаторот на пратеничката група на албанската владејачка Социјалистичка партија, Таулант Бала, Тирана веќе добила зелено светло од Брисел. Тој завчера од собраниската говорница соопшти дека следната недела ќе се одржи Првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Албанија за преговорите, пренесе Ора њуз. Оваа изјава на Бала, според телевизијата доаѓа иако од Македонија сè уште нема конечен одговор за францускиот предлог со кој се решава бугарското вето, кое го држи во заложништво и почетокот на преговорите на Албанија со ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го поздрави решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Македонија. По него и високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Џозеф Борел, го поздрави компромисот презентиран од Макрон за кој во Скопје ќе има широки консултации, а денеска се огласи и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која објави дека телефонски разговарала со премиерот Димитар Ковачевски и дека ги поздравува информациите дека Македонија и Бугарија се блиску до договор.

„Имав добар телефонски разговори со премиерот Ковачевски. Ги поздравувам вестите дека Северна Македонија и Бугарија се блиску до договор кој ги зема предвид интересите и грижите“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.

Француското претседателство со ЕУ официјално заврши во четвртокот на полноќ, а раководење со Унијата го презеде Чешка, која за време на германското претседателство ги блокираше заклучоците токму поради внесувањето на билатерални историски прашања. Иако Прага не го вклучи проширувањето експлицитно во приоритетите на претседавањето, нивните дипломати уверуваат дека Западниот Балкан несомнено останува на врвот на списокот на приоритети.

(И.С.)