По МОН, СОНК си подаде рака и со МТСП: На штрајкувачите во градинките нема да им бидат скратени платите

36

МТСП и СОНК ги потпишаа измените и дополнувањата на Колективниот договор со кој се регулира исплатата на платите и придонесите на платите за време на штрајк, по што тие ќе бидат испратени во „Службен весник“. Покрај потпишувањето на измените и дополнувањата, МТСП и СОНК се договориле до крајот на мај да биде донесен и новиот Колективен договор

На воспитувачките и на негувателките нема да им бидат скратени платите за време на периодот кога штрајкуваа. Ова е епилогот од средбата одржана денес меѓу Министерството за труд и социјална политика и Синдикатот за образование, наука и култура. Притоа, МТСП и СОНК ги потпишаа измените и дополнувањата на Колективниот договор со кој се регулира исплатата на платите и придонесите на платите за време на штрајк, по што тие ќе бидат испратени во „Службен весник“. Покрај потпишувањето на измените и дополнувањата, МТСП и СОНК се договориле до крајот на мај да биде донесен и новиот Колективен договор.

„Пред некој ден, на состанокот со претставниците на МОН беше донесено решение со кое се согласија двете страни – платите во детските градинки и во образованието да се зголемат за 15 отсто. Значи, сите делови што беа дел од одлуката за штрајк се реализирани и последното е отпочнување на процесот на подготовка на новиот Колективен договор. Веднаш по 24 мај, по празникот, започнуваме со работните групи кои се веќе дефинирани и формирани од двете страни. До крајот на мај ќе го донесеме новиот Колективен договор, кој ќе значи дополнителни права на вработените, односно на носителите на дејноста во детските градинки“, рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска по средбата.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, пак, на прес-конференцијата посочи дека со ова практично е заокружен процесот на преговори во однос на барањата на СОНК кон МТСП. „Она што беше како спорно, исплатата на дневници на вработените во детските градинки кои штрајкуваат, денеска, со измена на Колективниот договор во тој дел го регулиравме и ова право на вработените, затоа што сметавме дека од разни причини се дискриминирани и не беше во ред ним да им се скрати од платата. МТСП, пред сè министерката, имаа разбирање за тоа што го баравме, го усогласивме и овој дел и сметам дека во целост овој процес на штрајк и преговори со МТСП, конечно, е затворен“, рече Неделков.

Тренчевска појасни дека овие измени и дополнувања на Колективниот договор се испратени во „Службен весник“ и оти се очекува деновиве да бидат објавени. „Затоа е изменет и дополнет Колективниот договор и тука е регулиран начинот на исплата на платите за време на штрајк и придонесите од плати и согласно со овие измени, ќе бидат исплатени платите за април 2022 година“, истакна Тренчевска.

Како што е познато, СОНК и МОН, на претпоследниот ден од процесот на помирување, во вторникот, постигнаа договор за зголемување на платите на наставниците за 15 отсто од септември, исплата на платите во целост на сите просветни работници за периодот додека траеше штрајкот, како и потпишување на колективните договори за основно и за средно образование. Министерот за образование Јетон Шаќири и Јаким Неделков тогаш изразија задоволство од постигнатиот договор и посочија дека новина е претставници на СОНК и на МОН да ги креираат платите за наредните фискални години. „Многу е важно што воведуваме нова практика во партнерскиот однос меѓу СОНК и МОН во креирање на Буџетот и платите за наредните години со почеток од 2023 година. На некој начин ќе бидеме коректори на инфлацијата и зголемување за минималните плати“, појасни тогаш Неделков.

Инаку, препораките од помирувачот деновиве треба да бидат разгледани од членството на СОНК и потоа да бидат усвоени од Советот на СОНК како највисоко синдикално тело, кое потоа може да го овласти Неделков да ја потпише спогодбата. Рокот даден меѓу СОНК и МОН за потпишување на спогодбата е 10 дена.

Инаку, штрајкот во градинките и во училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 отсто. На Синдикатот му беше понудено зголемување на платите од 10 и 12 отсто, но ваквите предлози беа одбиени од членството на СОНК. На 26 април, градинките повторно почнаа да работат со образложение дека тоа е во интерес на родителите и стопанството кое трпи поради неможноста за згрижување на децата од претшколска возраст, но вработените во училиштата и понатаму останаа во штрајк. На 28 април, штрајкот беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот од страна на Министерството за труд и социјална политика, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН, кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена, неделава заврши со усогласување на ставовите на двете страни. (Н.И.Т.)