По крадење светилки и кршење клупи, делчевски вандали сега им се нафрлија на младите дрвца во градскиот парк

77

Вандалите во Делчево повторно го покажаа своето грдо лице. Овој пат својот бес го истурија врз млади насади во градскиот парк кај новата црква, кои без никаква причина се скршени на пола. Граѓаните кои живеат во близина на паркот револтирани од негрижата на несовесните.

– Овде често за викендите се собираат млади кои неводејки грижа за „белите дробови“ на градот, решиле да си поиграат со младите дрвца што се посадени наоколу, па без никој да ги види ги скршиле. Сакам да им порачам и ним и на нивните родители, вака дома нека кршат. Ова нека биде апел до надлежните да поведат поголема сметка за ваквите испади што се прават најчесто за викендите – вели Зоран од населбата Ново Делчево.

Од Јавното претпријатие во Делчево, исто така, се згрозени од неодговорноста на поединци.

– Не помогнаа ни апелите, а ниту предупредувањата што ги упативме во текот на изминатиот период. Константно во текот на новогодишните празници се крадеа светилки и се оштетуваше јавен имот, еве сега на ред дојдоа и млади насади. Не знам до кога ова ќе трае, сметаме дека со ригорозни казни до сторителите ќе се намалат ваквите вандалски појави – велат од претпријатието.

Последниот случај со оштетување на јавниот имот во Делчево се случи на почетокот на јануари кога дел од постоечките клупи во градскиот парк, кај новата црква во Делчево, беа скршени и фрлени во блиското езерце во паркот. Се уште нема информација за сторителите на тој вандалски чин.