По забраната на најлонските кеси владее тотален хаос

1786

Недореченостите во законот што забрани употреба на најлонски кеси, висината на цената за оксо-биоразградливите на 15 денари и прекраткиот период од 1,5 година што им е оставена на производителите да се прилагодат по 1 јуни 2023 година да произведуваат исклучиво еколошки кеси, направи тотален хаос, сметаат од Групација на производители и преработувачи на пластични маси при Сојузот на стопански комори.

Тие денеска излегоа со став дека со овој закон им се загроува егзистенцијата и опстојувањето на 32 фирми – производители на пластични кеси со вкупно 600 вработени. Сметаат дека потребни се нови инвестиции и обука на вработените да може во тој рок од 1,5 година да се постигне тоа што се бара во новиот Правилник за стандардите за биоразградливост, а тие рокови, според нив се прекратки. Се повикуваат на искуството во Германија каде сличен закон е донесе во 2015 година и на тамошните производители им е оставен ток од 7 години за адаптација и пренамена на деловното работење. 

Ели Качева, претседавач на Групацијата  објаснува дека во ниту една држава не е целосно забранета употребата на најтенките кеси под 15 микрони што се користат за ставање на овошје и зеленчук, како што е кај нас.

Според неа, проблем е и цената од 15 денари за оксо-биоразградливите кеси која е дополнителен трошок за производителите кои имаат проблеми со откажување на нарачките, трговците што ќе користат хартиени кеси и граѓаните кои ќе плаќаат 15 денари за кеса иако тоа нема пазарна логика.

– Компаративната анализа која ја направивме  покажува дека цената на кесите во Србија изнесува 7,5 денари, а во Грција 9 денари. Сметаме дека зголемувањето на цената треба да биде сукцесивно во етапи. Исто така неопходно е да се интервенира во казнените одредби бидејќи глобите за трговците доколку на пример не водат соодветна евиденција за продажбата на кеси се и до 180.000 евра. Од овие законски измени директно е засегнато опстојувањето и егзистенцијата на 32 претпријатија кои бројат вкупно 600 вработени физички лица, невклучувајќи ги и надворешните соработници како добавувачи на репроматеријали, дистрибутери – потенцира Качева.

Според неа, проблематична е и примената на законското решение затоа што нема прецизен план и програма за што ќе се трошат средствата што ќе се уплаќаат на сметката во Министерството за животна средина.

Од посочените примери, од Групацијата на производители и преработувачи на пластични маси сметаат дека е непходно да се одложи примената и да се направат измени на законот и во консултација и работни групи со производителите и трговците, да се најде заедничко решение, а пред се да се укине надоместокот од 15 денари и да се намалат казните.

– Заштитата на животната средина и одржливо располагање со ресурсите е важен општествен приоритет, но за оваа цел да биде реализирана неопходен е системски пристап и инклузивност на процесот на носење на одлуки со вклучување на сите засегнати страни, како и предвидување на соодветен период на прилагодување кон новите законски решенија – велат од Групацијата.

Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека мора да има транзициска фаза за производителите на кеси да се прилагодат на новото барање.

– Затоа дозволуваме со новиот Правилник кој стапи на сила од 1 декември да има транзициска фаза од 1,5 година (до 1 јуни 2023) да се користи окси за производство на овие кеси. Ако сме задоволни од имплементацијата, заедно со компаниите кои произведуваат ќе можеме да ги забраниме уште порано. Но, мораме да бидеме свесни дека ни треба транзициска фаза во нашата земја за да постигнеме одредени стандарди. За жал, ништо не е едноставно да се смени од денес до утре, но мора да почнеме од некаде. Почнуваме денеска и за 1,5 година заедно со производителите и со граѓаните, се надеваме да ги постигнеме тие стандарди кои се на сила во Европската унија – вели Нуредини.

Тој потенцира дека со дел од парите што ќе се соберат во фондот од продажбата на окси-биоразградливите кеси, Министерството ќе ги поддржи производителите на кесите со цел да бидат поиновативни и да продуцираат поинакви кеси во иднина.

Неколку факти за пластичните кеси

Податоците велат дека една кеса се користи во просек 12 минути, а се разградува во следните од 20 до 1000 години.

Лесните најлонски кеси тешко се селектираат и собираат за рециклирање, при што најчесто се помешани со органски отпад – значи остануваат на почвата, во водата, воздухот и се сериозна закана за нашето здравје, но и за опстанокот на живиот свет воопшто.

(С.Бл.)