По вторпат за еден месец американска делегација од Конгресот во посета на Тајван

38

Пет членови на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска пристигнаа во кратка посета на Тајван, која се очекува да биде фокусирана на безбедносни прашања, и тоа е втора посета на американски претставници на островот овој месец. Посетата дојде откако Кина го засили воениот и политичкиот притисок за да го потврди својот суверенитет над островот, што предизвика незадоволство во Тајпеј каде владата вети дека ќе ги „брани слободата и демократијата на Тајван“, јавија западни медиуми.

„Делегацијата на Конгресот ќе се сретне со високи тајвански претставници за да разговараат за односите меѓу САД и Тајван, регионалната безбедност и други важни прашања од заеднички интерес“, се вели во соопштението на мисијата на САД во Тајпеј.

Претседателката Цаи Инг-Вен, која ја предводи администрацијата во Тајпеј, нагласи дека оваа посета ја покажува силата на пријателството меѓу Тајван и САД.