По апсењето на осомничениот, обвинителот објави дека Медлин Мекејн е мртва

52

Медлин Мекејн, британско девојче, кое исчезна во Португалија во 2007 година на само три години, е мртва, изјави германски обвинител Ханс Кристијан Волтерс, откако идентификуваше германски државјанин како осомничен за убиството.

Мекејн исчезна од спалната соба на 3 мај, за време на семеен одмор во португалско одморалиште, додека нејзините родители вечерале со пријателите во близина.

– Проценуваме дека девојчето е мртво, изјави обвинителот Волтерс, кој додаде дека осомничениот за убиството е германски државјанин (43).

Германецот, чие име не е објавено, живеел во тоа португалско летувалиште од 1995 до 2007 година и се занимавал со грабеж на хотелски соби, станови и трговија со дрога, соопшти германската полиција.

Тој во моментов е во затвор за други кривични дела.

Британската и германската полиција апелираа до граѓаните да дадат какви било информации за лицето и возилото, што мажот го користел во тоа време.

Германската полиција соопшти дека осомничениот, кој живеел во близина на португалското одморалиште, во минатото неколку пати имал казна затвор за сексуално злоставување деца.

Полицијата соопшти дека во случајот го третирале како осомничен за убиството и дека го откриле методот со кој е убиена Мекејн, но телото никогаш не е пронајдено.

– Сè што сакавме е да ја најдеме, да ја откриеме вистината и да ги донесеме одговорните пред лицето на правдата, рекоа родителите на Медлин Мекејн, Кејт и Гери, во изјава пред обраќањето на германскиот обвинител.