Поради природата на нивната работа, а поради пандемијата со корона вирусот, тие се повремено отсутни од ТВ-екраните, но велат дека сега живеат различно темпо од досегa,  времето поминато дома најмногу го посветуваат на нивните деца

 

Глува тишина низ скопските улици. Само по некој автомобил се движи низ големиот булевар, кој инаку никогаш во последните 30 години не бил вака празен. Градот занеми. Ги нема звуците кои го правеа раздвижен и динамичен. Се чека да се замрачи и тогаш градот некако живнува – а по улиците ни жива душа. Се палат светилките како златно-сини проблесоци на живост од сите соби на нашиот дом. Тука сме, живи сме, и тоа многу, и само чекаме да помине ова торнадо од вирус наречен коронавирус ковид-19.

Во својот дом се и телевизиските лица со кои со години ни почнуваше денот. Сите ја чекаат добрата вест, а во меѓувреме…

Водителката на „Добро утро, Македонија“ на телевизија Сител, Елена Стојановска, оваа седмица е дома. Се разбира од пандемиски причини. Со својата ќерка Илина учат, се гушкаат, се забавуваат.

Таа вели:

-Нашата утринска емисија „Ја сакам Македонија“ на Сител не е на пауза, но со колегите воспоставивме смени од по една недела за да можеме да функционираме со помал ризик. Неделава сум јас дома и искрено многу убаво ми поминува времето со мојата ќерка Илина. Илина знае за вирусот, но ѝ објаснивме дека со добра хигиена и чување на имунитетот се ќе биде во ред. Таа има осум години па секој ден ги работиме училишните задачи кои ни ги праќа нејзината наставничка. Одиме на мала прошетка во природа, ние сме веднаш под Водно, а најдов и интересни креативни игри за да си го исполниме времето. На пример правиме цветови со макарони и ги лепиме на листови од блок, а потоа ги боиме. Готвиме, се гушкаме и искрено ова забавено темпо многу ме релаксира. Посакувам само полесно и со многу малку жртви да се излечиме од сево ова. На сите Ваши читатели и на Вас,мои почитувани колеги ви посакувам добро здравје. Чувајте се! – порача Елена.

 

За Кристина Талеска-Големтеова, уредник и водител на утринската програма на МРТВ „Македонија наутро“ нема пауза од работа, но кога коронавирусот е во прашање вели дека со своите две деца е искрена за неговата опасност.

-Ситуацијата во која се наоѓаме ни е нова и непозната и ако сме искрени помалку застрашувачка, но стравот од непознатото е нормален и природен. Токму затоа покрај почитувањето на препораките за заштита сум многу пофокусирана на одржувањето на мојата и менталната хигиена на моето семејство. Работните обврски не сопреа ниту за мене ниту за мојот сопруг, па за нашиот син додека јас и тој сме на работа се грижат моите родители, но сепак голем дел од денот го поминуваме заедно, во оваа ситуација дома наоѓајќи начини како да се забавуваме. На нас возрасните ни е тешко да се навикнеме на новосоздадената ситуација, но на децата им е веројатно уште потешко, па со Калин решивме да бидеме искрени од самиот почеток и да му објасниме која е причината поради којашто не може да се дружи со другарчињата во моментов, што на наше изненадување многу разумно го прифати и на некој начин ни олесни,  иако повремено, што е сосема нормално, си го бара своето друштво…А во меѓувреме со  „Не лути се човече“ ,„Џенга“, учење бројки и букви, правење палачинки и многу чести забави со гласна музика во дневната соба се обидуваме да компензираме за времето кое вообичаено го поминуваме надвор – ни раскажа Талеска-Големтеова.

Милена Антовска-Станковска, водителка на емисијата „Ние и вие” на Канал 5 вели дека првите денови кога адаптацијата на карантин-условите била тешка сега веќе знае да најде добра занимација и за неа и за ќеркичката Лана Марија.

-Првите неколку дена во карантин беа навистина тешки од аспект на тоа дека на сите ни беше чудно што мора да го смениме секојдневието на кое бевме навикнати. Но, од друга страна, пак, мене лично убаво ми дојде што конечно можам повеќе време да бидам со сопругот и нашата ќерка. Секој ден се трудам да најдам барем една позитивна причина што сме дома и истата таа позитивна енергија да ја пренесам на Лана Марија. За среќа, нејзе не ѝ пречи што сме дома, сака да си игра но, ѝ недостасуваат другарчињата од градинка и често ги споменува. Иако сум сега дома немам многу време лично за себе. Сè што правам е поврзано со Лана Марија. Таа си бара внимание како и секое дете па нонстоп мора да има некаква игра. За среќа, од градинка ни испраќаат предлози за игри и активности, но сепак и ние дома сме адаптирани на нејзините потреби. Домот ни е и кошаркарско и фудбалско игралиште, и место каде што се црта и бои, место каде што се пее и игра. Како и да е, не ни е досадно.

Морам да додадам дека ми недостасува работата, јас не сум навикната да не работам посебно, не во ваква ситуација. Секоја чест за моите колеги, за сите медиумски работници кои се совесни и одговорни. Се гордеам со нив и верувам дека брзо ќе им се придружам – оптимист е Милена.

Л. Грџо Дамовска