МИСТЕРИЈА: Поштенскиот дом „Водно“ не е на Пошта, се бара сопственикот

506

Поштенскиот дом „Водно“ кој се наоѓа во исклучително лоша состојба, не е сопственост на АД „Пошта на Северна Македонија“, ниту пак е во нивна надлежност.

– Јасно да дадеме до знаење дека АД „Пошта на Северна Македонија“ од 31.12.1996 година нити го поседува , а ниту располага со Поштенскиот дом „Водно“, односно овој објект не е во наша сопственост и надлежност – се вели во писмената објава до медиумите.

Оттаму потсетуваат дека со одлука на Владата од 1996 година за делење на Јавното претпријатие за ПТТ сообраќај „Македонија“ – Скопје (Службен весник на Република Македонија бр. 72/96), поранешното претпријатие ПТТ „Македонија“ се дели на два правни субјекти, ЈП за поштенски сообраќај „Македонска пошта“ и ЈП за телекомуникации „Македонски телекомуникации“ – Скопје.

– Управниот одбор на тогашното ЈП за поштенски сообраќај ПТТ „Македонија“ на 27.03.1997 год., носи одлука за усвојување на Делбен биланс со која се утврдува билансот на состојба на ЈП „Македонска пошта“  со состојба 31.12.1996 и билансот на ЈП „Македонски телекомуникации“ со состојба 31.12.1996 год. Согласно тој акт, од тој момент, наведениот објект  ПТТ одморалиште „Водно“ – Скопје припаѓа на „Македонски телеком“ – појаснуваат од Пошта.

Од овие причини, Пошта на Северна Македонија не е одговорна за негово одржување, ниту пак, има право или било каква можност да влијае за негово ставање во функција на било кој начин.

Весникот ВЕЧЕР во неколку наврати истражуваше чиј е Поштенскиот дом на Водно. Беше прашан и Македонски телеком од каде информираа дека објектот повеќе не е во нивна сопственост, упатувајќи на одговор од Агенцијата за катастар на недвижности. Оттаму за весникот ВЕЧЕР одговорија дека објектот Поштенски дом на Водно воопшто не е запишан кај нив.

– Кај нас воопшто нема запишано таков објект. Она што можеме да кажеме е дека земјиштето под објектот е државно – нагласија од Агенцијата за катастар на недвижности.

И професорот Љубомир Цуцуловски пред две години на крајот на јули на Фејсбук пишуваше за состојбата на овој дом која не е променета ни до ден-денес. Според него, тој е изграден некаде 70-тите години од минатиот век и бил комбинација на хотел со ресторан и летна тераса. Се наоѓа на надморска висина од 700 метри на Водно.