„Негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академикот Конески туку и долг кон самите себеси, долг кон сите наши предци, долг кон идните генерации. Затоа во годината Конески, но и во секоја следна како општество, но и како поединци, обични граѓани или претставници на институции, треба да работиме сплотено и одговорно во афирмација и промоција на неговото дело“, истакна претседателот Стево Пендаровски на вчерашната промоција на поштенската марка со ликот на Блаже Конески

 

Поштенската марка со ликот на великанот Блаже Конески ќе патува низ светот, славејќи го неговото дело. Вчера и македонската пошта се вклучи во одбележувањето на јубилејот  – 100 години од раѓањето на големиот поет, јазичар, основоположник и кодификатор на современиот македонски јазик, преку пуштање во оптек на 6.000 примероци. Марката е илустрирана со портретот на Конески, дело на академскиот сликар Димитар Кондовски.

„Негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академикот Конески туку и долг кон самите себеси, долг кон сите наши предци, долг кон идните генерации. Заштитата на македонскиот јазик е исто така и обврска не само кон оние чиј мајчин јазик е македонскиот туку и кон  сите оние кои го употребуваат како официјален во независна и самостојна Република Северна Македонија, но и кон сите лингвисти, слависти и македонисти кои го проучувале и изучувале, кон сите преведувачи кои преведувале и преведуваат од или на македонски. На крајот на краиштата тоа е долг кон науката, кон вистината и кон правдата“, истакна на вчерашната промоција на поштенската марка претседателот Стево Пендаровски. Тој додаде дека токму затоа во годината Конески, но и во секоја следна како општество, но и како поединци, обични граѓани или претставници на институции, треба да работиме сплотено и одговорно во афирмација и промоција на неговото дело.

На промоцијата присуствуваа и универзитетскиот професор и претседател на Советот за македонски јазик Људмил Спасов, како и министерката за култура Ирена Стефоска, која посочи дека промоција на пригодната поштенска марка со ликот на Блаже Конески е само дел од обемната програма „2021 година во чест на Блаже Конески“.

„По тој повод се изработуваат и повеќе логоа, видео за животот и делото на Блаже Конески, веб-анимации со анимирани текстови од поезијата и цитати на Конески, како и аудиовизуелни спотови со песни, на повеќе јазици. Предвидено е издавање книги, монографии, пригодни академски изданија и  зборници посветени на ликот и делото на Блаже Конески, научно-наставни проекти, конференции, како и промоција на  дигиталното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик…“, истакна меѓу другото Стефоска. Таа потсети дека неодамна, на 21 март, по повод Светскиот ден на поезијата, во седиштето на УНЕСКО во Париз, беше организиран настан во чест на Конески.  Во септември, пак додаде, ќе се реализира чествување на Конески во Риека, Хрватска и Галовеј, Ирска, кои се Европски престолнини на културата, како и во Софија, соседна Бугарија.

Генералниот директор на АД „Пошта на Северна Македонија“, Јани Макрадули, изрази верување дека на секој наш сограѓанин, а особено на филателистите ќе им биде предизвик да ја вметнат марката во сопствената колекција.

„За да ја прошириме во целиот свет да стане што повидлива сите  да испратиме барем едно писмо, на некому што му недостига, некому што го чувствуваме близок и да ја ставиме поштенската марка со ликот на Конески, особено во ова тешко време, кога корона-пандемијата физички не одделува едни од други“, порача Макрадули.

Промоцијата е дел од програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура, а во соработка со Министерството за образование и наука. Стогодишнината од раѓањето на Конески е запишана и во календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО.

Поштенската марка во вредност од 72 денара може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2 во Скопје.      (Д.Т.)    Фото:П. Стојановски