Познато е дека документарен филм за Михаел Шумахер конечно ќе излезе на 15 септември, на „Нетфликс“, а во него, еден од најдобрите возачи во Формула 1 го опишал застрашувачкиот момент кој се случи на трката за Големата награда на Велика Британија.

Токму оваа несреќа ја исфрли од колосек сезоната на Шуми, а познато е дека Михаел беше фаворит за титулата таа сезона.

Германската легенда ја заврши кариерата во „најбрзиот циркус“ со седум титули, а споменатата несреќа на Големата награда на Британија се случи во 1999 година во „Силверстон“, за која многумина веруваат дека тоа го чинеше осми трофеј.

Имено, тогаш откажа задната сопирачка на неговото „Ферари“, што го исфрли од патеката, а повредата што ја заработи беше многу тешка – скршеница на ногата. Она што е можеби најинтересно е дека Шумахер пропушти само шест трки поради оваа повреда, но сепак испадна од трката за титулата.

Во документарниот филм, кој се занимава со целата работа и делото на Михаел Шумахер, секој ќе има можност да види видеа од германската ѕвезда која на прилично морничав начин ја опиша повредата.

  • Предното тркало ја скрши пилотската кабина и беше заглавено некаде внатре. Не можев да излезам, се обидував да ја извлечам ногата што ми беше заглавена. Лежев и сакав малку да се смирам. Потоа одеднаш почувствував како срцето ми се забавува, додека одеднаш не престана целосно. Тогаш мислев – вака изгледа кога одите на оној свет, се присети Шумахер.

Неговата сопруга Корина, исто така, не сакаше да се присети на тие сцени, но посочи дека Шумахер само мавтал за да и покаже дека е добро.