Почнува 34. Меѓународен фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо”

85

Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо” што годинава се одржува по 34 пат денеска официјално ќе биде отворен.

Фолклорниот ансамбл „Китка” од Истибања, кој е организатор на манифестацијата, информира дека на отворањето е предвидено фолклорно дефиле и настап на сите учесници на фестивалот. Истата вечер ќе биде организирана и Македонска национална вечер на која домаќините ќе го презентираат најубавото од македонската кујна.

Уметничкиот раководител на ансамблот „Китка”, Стојко Митковски вели дека годинава се очекува присуство на 18 културно-уметнички друштва и фолклорни ансамбли од Словачка, Словенија, Израел, САД, Албанија, Србија, Турција, Украина, Косово и Македонија.

Во рамки на програмата предвидено е отворање изложба за нашиот фолклорен ансамбл, потоа традиционално рачно зажнејување ориз, како и посета и запознавање на гостите со културно-историските знаменитости на Виничко, истакнува Митковски.
По настапот во Истибања, учесниците на фестивалот ќе се претстават и пред публиката во Виница и Македонска Каменица, а до 19 септември, до кога ќе трае манифестацијата, планирано е и одржување национални вечери на секоја од земјите учеснички.

Покровител на фестивалот е општина Виница, а финансиската поддршка е обезбедена од стопанските субјекти од регионот.