Oбвинител против обвинител: Почнува судењето за „Рекет”

73

Во скопскиот Кривичен суд денеска почнува судењето за случајот „Рекет“. На обвинителна клупа седнуваат Боки 13, Катица Јанева и Зоран Кичеец. Според обвинението на Вилма Русковска, тројцата побарале 8 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев за да го спасат од прогон за перење пари. Успеале да изнудат 1,5 милиони евра. Јанева и Кичеец во Судот доаѓаат од домашен притвор, а Боки 13 од притворот во Шутка. Апелација треба да одлучи да ќе има поблаги мерки за него откако Обвинителство даде негативно мислење, ќелијата да ја замени со куќен притвор.

Боки 13 претходно беше хоспитализиран во Градската општа болница „8 Септември“ но, од понеделникот е вратен во КПУ Затвор – Скопје, каде што издржува мерка притвор. Токму неговата здравствена состојба беше причина адвокатот Сашо Дуковски да бара да биде пуштен од затвор.

Како што соопшти Јавното обвинителство, првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“.  Второобвинета Јанева се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

– Првообвинетиот во периодот од ноември минатата година до април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз второобвинетото лице – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи,влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Третообвинетиот битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител, појаснува Јавното обвинителство.

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која е второобвинета, нема да признае вина за случајот „Рекет“. Одбраната на Јанева е децидна во ставот дека обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска нема докази против Јанева, па поради тоа нема причина да го користат законското право поранешната шефица во моментот кога ќе биде прашана за изјаснување на вина пред стартот на судскиот процес, да признава вина. Јанева во текот на судската постапка ќе докажува дека Русковска нема докази кои укажуваат на тоа дека таа го сторила кривичното дело за кое ја гони ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Според обвинението, Јанева ја искористила службената положба и откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот доставила до Апелациониот суд во Скопје предлог за определување поблага мерка – куќен притвор, кој бил прифатен. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот.

Со преземените службени дејствија, второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра. Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од државата што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание”.

Јанева беше во притвор од 21 август кога беше приведена поради инволвираност во случајот „Рекет”. Во текот на истрагата таа не даде исказ.

Во рамки на случајот „Рекет”, Обвинителството отвори нова истрага, која се однесува на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13.

Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информира дека истрагата за „Рекет“ е проширена, односно донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама” и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Предметот е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Васка Николовска-Масевска.