Почнува со работа Европското обвинителство

31

Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (European public prosecutor’s office) од утре почнува со работа и ќе се занимава со истраги на кривични дела против буџетот на Европска Унија.

Тоа е прво наднационално јавно обвинителство и во неговата работа, засега, учествуваат 22 земји-членки на ЕУ.

– Од 1 јуни, европските обвинители предводени од Лаура Ковеси, ќе обезбедат ниту едно евро да не се фрла на корупција или измама, изјави заменичката на претседателот на Европска комисија за вредности и транспарентност Вера Јурова.

Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс наведе дека со почетокот на работа на ЕППО ќе се отвори нова фаза во историјата на европската интеграција, потенцирајќи дека основната мисија на новото европско тело е да ги заштити фондовите на ЕУ од криминалците во интерес на граѓани.

Тој додаде дека ЕППО ќе го следи како се трошат средствата доделени за помош на економиите за излез од кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19.

ЕППО ќе спроведува истрагите и ќе ги гони сторителите на измами со расходите и приходи, даночни измами чија вредност е најмалку десет милиони евра и перење пари.

Новото тело на ЕУ ќе ја истражува и активната и пасивната корупција или малверзациите што влијаат на финансиските интереси на ЕУ и лицата кои учествуваат во криминални организации кои сториле кривични дела против буџетот на ЕУ.

Новото тело на ЕУ исто така ќе може да испитува и гони други незаконски активности кои се „неразделно поврзани“ со прекршоците на буџетот.

Канцеларијата ќе спроведува истраги и кривични постапки целосно независно од Европска комисија, другите институции и тела на ЕУ, како и земјите-членки.

ЕППО ќе соработува со други тела и агенции на ЕУ, како што се ОЛАФ, Еуроџаст и Европол, како и со надлежните органи на земјите-членки кои не учествуваат во Европското обвинителство.

Се очекува ЕППО да истражува околу 3.000 случаи годишно.

ЕППО е формирана во 2017 година и ќе се финансира од буџетот на ЕУ, а седиштето е во Луксембург. Во Канцеларијата ќе има по еден обвинител од секоја земја учесничка и друг персонал.

Унгарија, Полска, Ирска, Шведска и Данска не учествуваат во ЕППО.