Почнува кампањата за спречување африканска свинска чума, годинава во земјава нема жаришта

83

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска го најави почетокот на кампањата „Стоп за африканска чума кај свињите“, чија целна група се комерцијалните и индивидуалните фармери, докторите по ветеринарна медицина и ловците. Под мотото „Откриј, спречи, пријави“, кампањата се спроведува во вкупно 18 европски држави.

Според АХВ, оваа година во Северна Македонија нема појава на жариште на африканска чума кај домашните свињи. Последниот позитивен случај кај дивата популација беше потврден на 3 мај 2023 година, со што вкупниот број на позитивни случаи кај дивата популација свињи во 2023 година изнесува 62. Со оглед на актуелната епизотиолошка состојба, АХВ на 27 април 2023 година, како што информира денеска директорот Николче Бабовски, ги укина сите мерки поврзани со африканската чума кај свињите (АЧС).

– Првиот случај на африканска чума кај свињите во Северна Македонија беше потврден на 6 јануари 2022 година, а првото решение беше издадено на 7 јануари 2022. Потоа, во текот на 2022 година беа потврдени вкупно 45 жаришта и тоа најголем дел во источниот и североисточниот дел од државата. Во рамки на мерките за контрола и искоренување на оваа болест, АХВ донесе низа мерки кои беа спроведени од официјалните ветеринари. Целосно беа уништени свињите на вкупно 345 фарми во радиус од три километри од појавеното жариште, регистрирани беа 73 смртни случаи кај свињите како последица од АЧС, извршена беше депопулација на вкупно 499 фарми во радиус од 3 и 10 километри од потврденото жариште, убиени и нештетно отстранети, како и заклани беа 4 891 свиња во радиус од 3 и 10 километри од потврденото жариште, а во радиус од 3 километри од појавеното жариште беа убиени и нештетно отстранети 3 450 свињи, истакна Бабовски на прес – конференција.

Иако не е ловна сезона, Бабовски апелира подрачјата да се контролираат и доколку се забележи мртва единка, тоа да се пријави за да се земат примероци за анализа и да се утврди дали животното било заболено или не. Фармерите, пак, треба веднаш да го известат надлежниот ветеринар ако забележат каков било случај на сомнеж кај свињите кои ги чуваат.