Почнува кампањата за помалку бездомни животни, бесплатно микрочипирање до крајот на годинава

112

Секој одговорен сопственик треба да ги микрочипира домашните миленици, а нивното напуштање е казниво со закон. Ова се двете пораки кои од вчера по скопските улици ќе ги пренесува автобусот број „2“ како дел од кампањата за благосостојба на животните што ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Автобусот што сообраќа на реалацијата Автокоманда – Сарај е веќе облепен со „паролите“ и така ќе вози низ градот еден месец.

Кампањата е за одговорно сопствеништво, официјално почнува вчера и е во рамки на ИПА проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи”. Акцентот на предвидените активности е ставен на потребата од стерилизација и микрочипирање на милениците како едни од основните мерки за намалување на популацијата бездомни животни.