Почнува грејната сезона за скопјани приклучени на системот на БЕГ

167

Поради падот на надворешната температура oд утре започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува БЕГ, соопштија од компанијата.

Во согласност со правилата за снабдување со топлинска енергија, испораката на топлинска енергија на потрошувачите може да започне и пред 15-ти октомври, но не пред 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеролошки работи.

Од БЕГ апелираат потрошувачите кај кои има дефекти на внатрешната грејна инсталација, да ги отстранат во најкус можен рок и истото да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи, а пак Заедниците на станари и Управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници во објектите, како и да обезбедат напојување на топлинската станица со електрична енергија.

БЕГ информира дека  за сите неопходни информации, евентуални дефекти и проблеми со испорака на топлинска енергија од системот за централно греење со кој управува БЕГ, потрошувачите можат да се обратат до Центарот за грижа на потрошувачи.