Почна украсувањето на градот

192

Градските власти го започнаа украсувањето на Скопје во пресрет на новогодишните празници. Како што информираат од Градот, украсување го врши фирмата „Линк Медиа“ која ја доби отворената јавна набавка за изработка и реализација на проект за декорирање и украсување по повод Нова година.

Во согласност со договорот, светилки и новогодишна декорација ќе се постават на плоштадот „Македонија“ и централното градско подрачје, како и новогодишна елка која исто така ќе биде поставена на Градскиот плоштад. Дополнително, со договорот е опфатен и новогодишен огномет, како и отстранување на светилките и елката по празниците – велат од Градот без да одговорат колку ќе ги чини украсувањето заедно со новогодишната елка која, како што најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, за прв пат ќе биде дигитална.

Од Градот додаваат дека и оваа година на плоштадот „Македонија“ ќе се организира зимска населбата Винтерленд, каде ќе има голем број на куќички украсени во новогодишен амбиент и мала сцена на која секојдневно ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на сите граѓани, без разлика на возраста.

Скопскиот градоначалник Шилегов од претходно најави дека украсувањето ќе започне порано, за на први декември градот веќе да биде украсен, а граѓаните ќе можат подолг период да ја чувствуваат новогодишната атмосфера.

(А.П.) – Фото: S.П.