Почна трката за одобренија за 5Г со почетна цена од 5.800 до 5,5 милиони евра

65

Почнува трката за радиофреквенции за петтата мобилна генерација – 5Г.
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави тендер за доделување одобренија на кој заинтересираните компании може да се јават во рок од 35 дена. Според роковникот на АЕК, јавното отворање на понудите е закажано за 5 јануари, а потоа во рок од седум дена ќе се изберат понудувачите кои ќе учествуваат на јавно наддавање.

Критериум за избор на понудувач е висината на еднократниот надоместок што ќе се понуди, а во зависност од одобрението цените се движат од 5.830 до 5,5 милиони евра. Конкретно АЕК доделува одобренија А1, А2, А3, Б1, Б2 и В3 за период од 15 години и одобренија В41, В44, В45 и В46 за период од шест години, со можност за продолжување.

-Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надоместок за добивање на одобрение за користење на радиофреквенции од член 2 на оваа одлука за одобрението А1 изнесува 2.750.000 евра; за одобренијата А2 и А3 изнесува 5.500.000 евра, по одобрение; за одобрението В1 изнесува 1.250.000 евра; а за одобренијата В2 и В3 изнесува 2.500.000 евра, по одобрение. За одобрението В41 износот е 11.670 евра; за одобренијата В44 и В45 изнесува 5.830 евра, по одобрение, а за одобрението В46 изнесува 6.920 евра, информираат од АЕК и додаваат дека сумата ќе треба да се уплати во буџетот во рок од 10 дена.

Според објавените тендерски правила учесниците кои ќе добијат радиофреквенции ќе бидат обврзани да почнат да ги користат во рок од девет месеци од денот кога ќе им се достави одобрението.

Во трката за добивање на овие радиофреквенции од 700 MHz и 3.xGHz може да се пријават домашни и странски физички или правни лица кои исполнуваат одредени пропишани услови, а четири компании – Македонски телеком, А1, Неотел и Битстрим Мобиле, Македонија уште во јуни годинава најавија интерес за учество.

Од Македонски телеком минатиот месец информираа дека една третина од мрежата им е подготвена за 5Г, а според планот во втората половина на 2022 година со 5Г сигнал ќе може да опфатат две третини од населението, вклучувајќи го и главниот град. И А1 се подготвени. Оттаму велат дека е поставена 5Г мрежа во центарот на Скопје за финално тестирање, со што компанијата е чекор поблиску до комерцијално воведување на 5Г технологијата за сите корисници.

-Поставувањето на тестната 5Г мрежа е уште еден доказ за нашата посветеност и стратешката определба за креирање и воведување најсовремени дигитални решенија, кои овозможуваат нови и напредни дигитални искуства на корисниците. Ова е само почеток на новата индустриската револуција, а 5Г е горивото на кое таа работи.

Продолжуваме понатаму со интензивни активности за што побрза имплементација на оваа технологија за комерцијална употреба, изјави Методија Мирчев, извршен директор на А1 Македонија.

Тендерот што го објави АЕК е првиот чекор за реализација на националниот план усвоен од Владата според кој до крајот на 2023 година најмалку еден град треба да биде покриен со 5Г сигнал. Според најавите, најверојатно тоа ќе биде Скопје. Исто така, планот предвидува со непрекинат 5Г сигнал мрежа до крајот на 2025 година да бидат покриени главните патни коридори низ државата. До крајот на 2027 година сите градови во државата тој сигнал треба да го имаат во сите градови низ државата, а до крајот на 2029 година, секој граѓанин треба да добие можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина од најмалку 100 Mbps.

(С.В.)