Почна товарењето на 450 тони линдан и 200 тони контаминирана земја од ОХИС

126

Во ОХИС е започнато со товарење на опасниот отпад – линдан од малата депонија. Станува збор за околу 450 тони линдан и 200 тони контаминирана земја, кои претходно беа спакувани во специјализирани буриња и контејнери кои, како што информираат од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), со товарни возила ќе се транспортираат до Солунското пристаниште, од каде што со брод заминуваат за Франција и Холандија, кои се крајни дестинации на нивно уништување.

Пестицидот треба да замине во Франција, каде што ќе биде спален во инценератор, додека контаминираната земја термално ќе се обработи во Холандија. Со ова заврши првиот дел од проектот за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС, кој се реализираше со поддршка на УНИДО.

Линданот веќе неколку месеци е спакуван во специјални буриња кои се целосно безбедни, а земјата е сместена во контејнери и првиот извоз требаше да се реализира уште минатиот месец, но сè уште не беа обезбедени транспортните дозволи.

Во следните десетина месеци ќе треба да се исчистат и преостанатите 2,5-3 илјади тони линдан и нешто помалку од 3 илјади тони контаминирана земја. Претходно, ОХИС беше исчистен и од 64 тони други опасни хемикалии кои, исто така, беа транспортирани во странство и таму уништени.

(С.Бл.)