Екипите на Градот Скопје денеска ја започнаа реконструкцијата на коловозот на булеварот „Крсте Петков Мисирков’, од раскрсница кај Судска палата до клучката Бит-пазар во Општина Чаир. Увид во градежните работи на оваа делница изврши градоначалникот Петре Шилегов.

– Градот Скопје  започнува  целосна и темелна реконструкција на булеварот „Крсте Петков Мисирков“, на потегот од раскрсница кај Судска Палата до клучката Бит-пазар, во должина од 1.350 метри во двете насоки. Со цел да се добие поквалитетна сообраќајница, на одредени места ќе се изврши и подобрување на подлогата со тампонски слој. Во наредните 30 денови ќе изработиме една квалитетна инфраструктура која е сериозно оштетена во овој дел на градот, изјави Шилегов.

Тој додаде дека  Градот Скопје  во изминатиов период парите на скопјани, парите на граѓаните, ги троши за  вистински приоритети на нашиот град и во таа смила се врши целосна и темелна реконструкција на инфраструктурата.

– Вредноста на овој проект е околу 20 милиони денари, што е значително помала сума од оние што во минатото Градот ги плаќал за вакви услуги. Кажував во текот на првата година од мојот мандат дека ја спремаме стратегијата на нашиот град и годинава тоа граѓаните може да го видат. Нема да запреме до крајот на мандатот. Ги решаваме вистинските потреби, вистинските приоритети на Скопје и скопјани, а средствата што ги употребуваме се употребуваат за навистина Градот да го направиме едно поубаво и побезбедно, односно европско место за живеење – истакна Шилегов.

Градските власти ги замолуваат граѓаните за разбирање додека траат градежните активности и  упатува апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.