Почна програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери”, вклучени 20 млади лица и осум компании

43

Преку програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери”, која почна денеска со учество на 20 млади луѓе, ќе се одржат обуки за стратешко планирање и лидерски вештини, вебинари, подготовка на студија на случај и посета на различни сектори во рамки на осум компании, кои за таа намена ги ставија на располагање своите капацитети.

Претседателот Пендаровски, кој е покровител на програмата, порача дека се работи за млади луѓе кои ја заслужуваат и ќе ја оправдаат довербата, а на државата останува обврската да им овозможат услови на оние кои сакаат да останат во државата да ја добијат првата шанса тука.

-Неспорен факт е дека младите се најголемиот капитал на секое општество. Затоа, наша заедничка должност, на државните институции, на образовните институции, но и на бизнис заедницата, е да вложуваме и инвестираме во креирање амбиент во кој младите ќе имаат можност за своја реализација. Живееме во динамично време во кое светот се менува многу побрзо од порано. Како велат, денес, единствена константа се промените. Затоа е неопходно да градиме кадри кои ќе бидат подготвени за новите и брзи промени. Предуслов за тоа е да имаме систем кој ќе ги подготвува младите да решаваат проблеми, да креираат функционални политики и да менаџираат со состојбите, наместо да меморираат готови решенија, кои не можат да се применат затоа што најчесто немаат контакт со реалноста, рече Пендаровски во обраќање преку видео врска.

Шефот на државата истакна дека пандемијата на Ковид-19 со која се соочуваме, е само последниот поучен пример за сите нас, од кој можеме многу да научиме.

Ваквите проекти, укажа, не претставуваат замена за образовниот систем, но, треба да ја добијат нашата поддршка, затоа што се значаен додадок на теоретското образование и можност студентите да бидат директно вклучени во процесите, во креирањето на  политиките и во функционирањето на соодветни сектори во компаниите. Така што, од оваа програма ќе има двоен бенефит. Од една страна, компаниите ќе имаат можност да ги чујат размислувањата на младите, а, младите кадри ќе имаат можност да стекнат нови, практични знаења.

-Крајната цел на сите нас е дипломираните студенти да ги задржиме тука и заради тоа треба да дадеме предност на квалитетот и професионалноста над импровизацијата и полтронството. Само на тој начин ќе спречиме емиграција на квалитетни и способни кадри, порача Пендаровски.

Тој изрази уверување дека учесниците  ќе бидат на висина на задачите што ќе им бидат доверени, а компаниите ќе има што да научат од нив и соодветно ќе го искористат нивниот потенцијал. Ги охрабри  и сите други кандидати кои аплицираа и покажаа интерес да бидат дел од програмата, да не се откажуваат и да ја искористат идната шанса, која, најави, ќе ја има наскоро.

Програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери” се реализира преку соработка меѓу Кабинетот на Претседателот и Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.