Почна поставувањето на современо улично осветлување

95

Почна имплементацијата на јавното приватно партнерство во Куманово за инсталација на ново современо улично осветлување со лед лампи, информираше  денеска, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски на социјалните мрежи.

Проектот почна  да се спроведува во селата Брзак и Агино село, а наскоро ќе се промени уличното осветлување во  селата Романовце, Умин Дол, Ново Село и Љубодраг со што ќе бидат опфатени селата околу градот.

–Паралелно ќе оди замената на постоечките светла во градот и приградските населби. Во следните четири месеци ќе бидат заменети околу десет илјади постоечки светлечки тела на територија на целата општина. Секој столб ќе биде означен со сериски број, локација и контакт телефон за пријавување на евентуален дефект. Добиваме квалитетно осветлување, енергетска ефикасност и намалено затоплување-вели Димитриевски.

Општина Куманово и приватниот партнер фирмата „ИЦС Системи“ од Чешка, подружница Охрид, го потпишаа договорот  за модернизација на јавното осветлување и воспоставување на јавно-приватното партнерство  на 15 јули годинава.

Приватниот партнер ќе инвестира 4, 7 милиони евра за поставување ново осветлување и подобрување на мрежата на јавно прометните површини со штедливи лед светилки и рефлектори на 9.340 светлечки места со модерен систем за управување.