Почна изградбата на резервоарот во Рашче

88

Почна изградбата на резервоарот во Рашче од 1.000 кубни метри во делот кој е во надлежност на општина Сарај. Со овој резервоар ќе се подобри снабдувањето со вода за пиење во селата Рашче, Бојане, Копаница, Буковиќ и Ласкарци, при што ќе бидат опфатени над 10 илјади жители на територијата на општина Сарај.

Како што информираше Сефи Шабани, секретар во Општина Сарај, ископот е завршен, и веќе се започнува со другата фаза на бетонирање.

– Она што е наш дел би требало да биде завршен до крајот на оваа недела, потоа ќе следува делот што е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Тие веќе поднеле барање за инвестиции до Европската инвестициона банка. Освен дел од резервоарот, ова министерство треба да постави цевковод и пумпна станица. На овој начин сакаме да го решиме проблемот со водата во селата Рашче, Копаница и Бојане. Овие села имаат вода, но во летниот период се со слаб притисок. Освен тоа, ќе се создадат услови вода за пиење редовно да имаат и селата Ласкарци и Буковиќ – изјави Шабани. 

Реализацијата на овој проект се очекува до Нова година и ќе чини вкупно 50 милиони денари.

(А.П.)