Почна изградбата на паркинг за 45 возила

214

На место на поранешната полициска станица која беше урната пред неполна година, Општина Ѓорче Петров стартуваше со изградба на нов паркинг простор за 45 возила.

Како што информираат општинските власти, во непосредна близина на овој паркинг, односно на местото до старата пожарна и на пристапната улица што води до Корзото веќе се изведени три паркинзи со капацитет од околу 150 возила.

-Со оглед на добрите временски услови, градежната офанзива во нашата општина продолжува, тековно, според роковите. Како што ветивме, на место на поранешната полициска станица реализираме паркинг на едно ниво за околу 45 возила. Во срцето на Ѓорче Петров веќе направивме пристапен паркинг со самото уривање на пожарната. Во исто време реализиравме и во делот на булеварот „Македонска војска“ – како привремен паркинг за понатамошниот развој на самото Корзо – изјави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски при денешниот увид во градежните работи.

Истовремено, Наумоски ги отфрли како невистини информациите дека на улица „Шидска“, односно местото на сегашниот паркинг што е во изградба се прави катна гаража.

-Катна гаража нема да има. Се прави паркинг по сите стандарди. Со ова го заокружуваме решавањето на сообраќајниот хаос во централното подрачје на Ѓорче Петров со околу 200 нови паркинг места.  Во тек се изработки и на други планови каде ќе бидат предвидени исто така јавни површини за паркинг места-додаде Наумоски.