Почна изградбата на локалниот пат кон село Голема Црцорија

33

Започна реализација на проект за асфалтирање на патот кон селото Голема Црцорија во Крива Паланка, што се финансира преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој што спроведува од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Ќе бидат асфалтирани 2,5 километри пат, инвестиција во вредност од 20.597.460 денари.

– Изградбата на локалниот пат во село Голема Црцорија, делница од асфалт маала Рупје, до маала Баратлици е со тенденција во наредниот период за поврзување со граничниот премин кон Голеш, Србија. Во наредниот период  ќе биде означен и почетокот на изградба на локалниот патен правец во село Трново, во должина од 500 метри, кој е продолжение на кракот што води кон старото училиште, каде што денес функционира туристички сместувачки капацитет – велат од општина Крива Паланка.

Оттаму посочуваат дека подобрувањето на патната инфраструктура значи олеснување на процесот на враќање на младите и формирање на семејни заедници и семејни бизниси, развој на  земјоделското стопанство, алтернативно земјоделско производство, пчеларство, оформување овошни насади, развој на алтернативен туризам и развој на дополнителни услужни дејности.