Почина шпанскиот поет и лауреат на СВП Хусто Хорхе Падрон

106

Шпанскиот поет Хусто Хорхе Падрон, лауреат на Струшките вечери на поезијата (СВП) во 1990 година, почина денес на 77 години во болница во Мадрид по компликации од Ковид-19.

Веста на Фејсбук ја соопшти неговата сопруга која е Македонка, преведувачката и поетеса Клеопатра Филипова. Падрон и сопругата беа едни од најредовните гости на Струшките вечери.

„Готово е, ја изгубив љубовта на мојот живот, мојот еден и единствен сопруг, мојот животен партнер. После 35 години, 24 часа на ден заедно, проклетиот ковид нѐ раздели засекогаш. Но, ти ветувам љубов моја, дека секогаш ќе се борам да ги бранам твоите соништа, да ја ширам твојата прекрасна поезија која усреќи толку многу читатели низ целиот свет“, стои меѓу другото во емотивната објава на неговата сопруга Филипова.

Хусто Хорхе Падрон е роден 1943 година во Лас Палмас де Гран Канарија, на Канарските острови, во Шпанија. Беше генерален секретар на Шпанскиот ПЕН клуб од 1983 до 1993 година, основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“ од 1982 до 1994 година и директор на Меѓународниот фестивал за поезија во Лас Палмас де Гран Канарија од 1992 до 2002 година.

Поезијата на Хусто Хорхе Падрон е преведена на повеќе од четириесет јазици, a објавени му се 82 книги на странски јазици. Добитник е на многубројни национални и меѓународни награди и признанија за поезија и е долгогодишен учесник на Струшките вечери на поезијата, двократен добитник (1989 и 2002) на наградата „Нова Македонија“ за најдобра песна напишана на СВП, а главната награда „Златниот венец“, ja доби во 1990 год. Во 2019 година ја доби наградата „Ацо Караманов“ на „Карамановите средби“ во Радовиш. Беше член на МАНУ (надвор од работен состав) и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.

Падрон беше голем пријател на Македонија и на земјата и ја посвети песната „Шестиот ден/Почит кон Македонија“:

Кога го создаваше Господ нашиот свет
и го заврши својот последен ден,
го погледна с# уште недовршеното дело
и со љубопитство на уметник мина
по Европа со рацете свои
и ги обиколи со гордост и сила
рамнините и пороите на Шпанија.
Ги погали убавите предели на Франција,
родни како виното и меланхолијата.
Посака тој да ги меша изненадата и складот во врвовите
и во грубите линии на пејзажите на Хелвеција.
И кладе снег, пламена таинственост
и брези блескотни
во тишините темни на скандинавскиот ветер.
Се спушти радосно по Бохемија и Италија
и наближувајќи до Балканот си рече:
Ми остана овој предел поубав од најубавото.
Светлината живее тука, најсреќна и чиста.
И како восхитено дете ја допре географијата
што ја имала со столетија
Југославија. Таму занесено се запре
па со раката по бреговите мина
на Јадран небесни, со наслада ги вдиша
проѕирните и прекрасни шуми на Србија,
а потоа понајуг еден заслепувачки блен,
еден дијамант брусен од илјадни ветриња, долго,
една оаза што блика од сончевите води:
таму пулсираше во светлина земјата Македонија.
Тогаш Господ се замечта и стана двапати Господ.
Имиња нежни се јавуваа на неговите усни:
Скопје, Прилеп, Наум, Охрид, Струга.
При изговорот на овие имиња кристални
се родија птици и се населија в крошни
а планетата наша за да ја заштити
ги создаде облаците бели, тие кораби вишни.
Господ восхитено седна зашто не веруваше веќе
во своите сопствени чуда. Ја бакна потоа
сувата длабнатинка тогаш на долината на Охрид.
Не можеше тој да го запре сјајот во своите очи
и заплака пред своето дело најсвидна
И паднаа неговите солзи врз долината на Охрид
езеро создавајќи што ги покри
сините далечини. И Господ
помисли дека случајот понекогаш го довршува
тоа што и недостига на неговата уметност и викна:
Во тебе Охрид и Струга би сакал да се преобратам!