Почина тонскиот снимател Глигор Паковски-Гицо

208

Познатиот тонски снимател Глигор Паковски-Гицо, кој својот авторски придонес го дава во 24 играни и во повеќе од 150 документарни филмови, почина завчера во Скопје. Паковски е роден во Галичник 1932. По завршување на Вишата сојузна електростопанска школа во Скопје 1953 година се вработува во продуцентската куќа „Вардар филм“ – Скопје, каде го минува својот работен век како тонски снимател, односно монтажер на звук. Играниот филм „Волча ноќ“ и документарниот „Ритам и звук“ се првите задачи на Пакоски.

Филмографијата на Пакоски е обемна. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои, две златни арени за тон на Филмскиот фестивал во Пула за “Татко“ (1973) и “Јазол“ (1985), две златни плакети на Југословенскиот фестивал за документарен и краткометражен филм како и републичките награди „11 Октомври“ (1976) и „13 Ноември“ (1976)…

Соработувал со режисерите: Димитрие Османли, Љубиша Георгиевски, Коле Ангеловски, Александар Ѓурчинов, Стево Црвенковски, Бранко Гапо, Владимир Блажевски, Кирил Ценевски и Антонио Митриќески во играната продукција, како и со Столе Попов, Трајче Попов, Мето Петровски во документарната продукција. Последен филм на кој работел е „Планетариум“ (1998) на Киро Урдин. Работел и со Ватрослав Мимица, Жика Митровиќ и Здравко Велимировиќ.

Закопот ќе се одржи на 28 јануари, од 11:30 часот на Градските гробишта Бутел, капела 10:30 часот.