Почина Кирсти Али, ѕвездата на серијата „Cheers“

72

Актерката Кирсти Али, најпозната по улогата во хумористичната серија „Cheers“ од 80-те и 90-те години, почина од рак на 71-годишна возраст, објави семејството во соопштението.

„Со тага ве известуваме дека почина нашата неверојатна, жестока мајка полна со љубов“, напишале нејзините деца.

Али ја освои наградата Еми за улогата на раководителка на паб во популарната ТВ серија, а исто така глумеше во филмовите „Star Trek II: The Wrath of Khan“, „Look Who’s Talking“, „It Takes Two“…

Во соопштението семејството не прецизирало од каков вид рак починала Кирсти, но се наведува дека „неодамна ѝ бил откриен“.

„До сите наши пријатели ширум светот… Со жалост ве известуваме дека нашата неверојатна, силна и сакана мајка почина по борба со ракот, кој неодамна ѝ беше откриен. Беше опкружена со најблиските и се бореше со голема истрајност. Колку беше неверојатна на екранот и филмското платно, толку беше подобра мајка и баба“, стои во соопштението објавено на Твитер.

Џон Траволта кој со неа глумеше во „Look Who’s Talking“ се огласи на Инстаграм и ѝ оддаде почит.

„Кирсти беше една од најпосебните врски кои некогаш сум ги имал. Те сакам, Кирсти. Знам дека повторно ќе се видиме“, напишал Траволта покрај нејзината фотографија.

Во „Cheers“, омилениот ситком на „NBC“, Али ја глумеше Ребека Хау. Се појави во 147 епизоди откако ѝ се придружи на серијата на врвот на популарноста и продолжи да глуми во неа до 1993 година. Истата година освои втора Еми награда за најдобра главна актерка, за филмот на „CBS“, „David’s Mother“.