Почина актерот Гоце Влахов

192

Актерот Гоце Влахов, член на ансамблот на Македонскиот народен театар (МНТ), почина денеска во Скопје, на 70 -годишна возраст.

Со голема болка и жалење ве известуваме дека почина актерот Гоце Влахов (1949-2019). Од 1980 година до пензионирањето Влахов е дел од Македонскиот народен театар – Скопје, иако остварува бројни улоги на оваа сцена од 1972 година. Гоце Влахов ќе остане запаметен по вештината со која го создаде секој лик карактеристичен, секогаш сигурен во играта и страста кон театарот и претставата. Таа константност на играта му обезбедува важно место, место за паметење, велат од Македонскиот народен театар.

Првата улога на сцената на Македонски народен театар Гоце Влахов ја остварува во 1972 година во претставата „Крал Лир”, а потоа се редат и „Хелдерлин” (1973), „Сезона на шампионите” (1975) и „Славата и смртта на Хоаким Муриета” (1975). Во селективната театрографија ќе ги спомнеме и претставите „Милион маченици” (1980), „Војна и мир во Груда” (1981), „Остен”, „По претставата”(1981), „Габи” (1982), Макавејските празници”, „Свирач на покрив” (1983), „Воена тајна”, „Погрижи се за Амелија” (1984), „Среќна нова 1949″, „Рамна земја” (1985), „Тартиф”, „Гуштерица” (1986), „Мрестење на краповите”, „Дон Кихот” (1987), „Рави” (1989), „Галеб”, „Посета на старата дама” (1990), „Зора на истокот” (1991), „МКС” (1995), „Гроф Миливој” (2001), „„Болва в уво” (2007) и последната „Троил и Кресида” (2010).

Остварува главни улоги во филмовите „Чекор пред времето” (2003) и „Андер” (2004), а игра и во филмовите „Македонски дел од пеколот” (1971), „Јад” (1975), „Оловна бригада” (1980), „Сенки” (2007) и „Мајки” (2010). Учествуваше и во снимањето на познатата телевизиска серија „Македонски приказни” (од 1986 до 2012) и во ТВ серијата „Тврдокорни”.

Посмртните останки на Гоце Влахов ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел на 30 јули (вторник), во 11 часот, а погребот ќе биде во 12 часот.