Починаа две родилки позитивни на Ковид-19 породени на ГАК 

87

Во изминатото денонокие починаа две родилки позитивни на Ковид-19, кои овој месец беа породени во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство-Скопје.  Една од родилките почина на КАРИЛ, а другата во ГОБ „8 Септември“, соопштија од Клиниката.

Едната почината родилка е 33-годишна жена од Делчево, второротка. Таа е породена термински со царски рез. Роди машко бебе од 3.200 грама кое во добра општа состојба веќе е испишано од ГАК со тежина од 2.900 грама.

Родилката беше примена на ГАК на 10 март во лоша состојба, фебрилна со 38,5 температура, со ниска сатурација и со кашлица. Таа беше породена на нашата клиника на 11 март и поради влошување на нејзината клиничка состојба, беше препратена на натамошно лекување во ГОБ „8 Септември“. Ден пред хоспитализација на ГАК, на 9 март родилката добила негативен PSR тест, а на Клиниката за гинекологија на 10 март и беше направен антигенски рапид тест кој покажа позитивен резултат.

Втората почината родилка е 32-годишна скопјанка, второротка, која беше породена на ГАК со царски рез, во 30-та недела од бременоста.

Родилката на ГАК беше донесена од Инфективната клиника во Скопје на 20 март во тешка состојба и само неколку часа по породувањето, поради исклучително лошата состојба, беше препратена на интензивно лекување на КАРИЛ. Нејзиното предвремено родено бебе е женско, кое сѐ уште се наоѓа на Одделот за интензивна нега на ГАК и е респираторно зависно, стои во соопштението од Клиниката.

Извор: МИА