„Сe уште е рано да се зборува за кој антички град се работи. Засега на површината се гледаат градежни камења, градежна керамика и фрагменти од керамички садови, а откриени се и парчиња од камена мелница што укажува на занаетчиски простории и градби кои го опслужувале градот со потрeбниот материјал“, вели д-р Миле Велчовски, археолог советник при Националниот конзерваторски центар. Тој додава дека всушност е откриен дел од периферијата на населбата, која според добиените информации датира од периодот на рана и доцна антика, но, со понатамошните истражувања посочува, дека истите ќе придонесат за попрецизно датирање и урбаниот карактер на населбата

 

Едно од последните заштитни археолошки истражувања во државата, за кои се добиени сознанија за населба со поголема површина, се поврзани со археолошкиот локалитет „Градиште“, с. Чичево, Општина Градско, кој е најголем по површина од четирите локалитети, кои се на позиција на патниот правец Градско – Прилеп.

„Се работи за населба, која е пласирана на висорамнина и истата е со поголем опфат. Според првичните согледување од извршените теренски рекогносцирања во 2017 година, констатирано беше дека се работи за локалитет од доцна антика. Но, со последната археолошка кампања реализирана во 2020 година, се дојде до нови сознанија, со кои врз основа на добиените резултати и анализи од теренските истражувања, беше констатирано дека локалитетот егзистира од поран временски период, т.е. од времето на раната антика, па се до периодот на доцната антика“, вели д-р Миле Велчовски, археолог советник при Национален конзерваторски центар.

За значењето и уникатноста на овој локалитет во однос на останатите во државата, како што додава Велчовски, е се уште рано да се дискутира, бидејќи е откриен мал дел од неговата површина, која всушност е дел од периферијата на населбата, но, со понатамошните истражувања додава, ќе се позиционира големината на нејзиниот зафат, вид и карактер.

„Според првичните согледувања, кои се базираат врз пронајдениот движен археолошки материјал (оловен тег, бронзени монети и игла, железен клуч, фрагмент од бронзен прстен, и голем број на фрагменти од градежна и садова керамика…), може да се констатира дека се работи за значаен локалитет со можност да даде една поцелосна слика за неговиот културолошки развој, и истовремено пошироко, дополнително да го детектира урбаниот хоризонт на живеење од тој временски период на територија на денешна Северна Македонија, особено во областа на Тиквешкиот регион. Според нашите размислувања, од извршените истражувања се работи за периферија од населбата, која е со градби од занаетчиски карактер. Но, за нас, големо беше изненадувањето што во ваков тип на градби, наидовме на извонредни пронајдоци во делот на движниот археолошки материјал. Врз основ на тоа, направена е површинска проспекција на поголем дел од теренот. Регистрирани се фрагменти од градежна керамика и тегули, градежни камења со различна димензија, фрагменти од садова керамика и друг вид на движен движен археолошки материјал“, додава Велчовски.

Со оглед дека минатата година поради пандемијата беа сопрени или откажани голем број истражувања, тој исто така истакнува дека истражувањата на овој локалитет се изведени во целост според предвидената програма, пред се, заради обврската кон ЈПДП – Скопје, со претходно изготвениот протокол за работа на терен во време на пандемија, од страна на менаџментот на НУ Национален конзерваторски центар – Скопје. На локалитетот се поставени сонди со различни димензии, кои се  во границите на опфатот и се со правец на движење во линија на подготвената траса.

Според д-р Велчовски, заштитните истражувања се реализирани во рамките на изготвената програма, така што градежните активности на трасата може да продолжат со оглед дека нема спорни ситуации.

„Следните чекори кои ќе се преземат на овој локалитет, се утврдување на позициите на неговата површина на распространетост, анализа на карактерот на градбите, правецот и позиционирањето на населбата, за која според површинскита наоди е констатирано дека се распространува кон југоисток од почетната точка на истражувачките активности. Потоа следува поставување на сонди, врз основ на кои ќе се детектираат културните слоеви, а истовремено ќе се утврди временскиот распон на локалитетот како дел од една цивилизација“, истакнува Велчовски.

Тој додава дека сите сознанија ќе бидат предочени пред Министерството за култура за да истражувањата на локалитетот бидат дел од капитален проект на Владата на Северна Македонија, со цел да се истражи што е можно поголем дел од неговата површина. „Сепак, треба да се истакне дека е се уште рано да се добијат сознанија за кој антички град се работи, за што секако ќе треба дополнително да се извршат и кабинетски истражувања, користејќи потребна соодветна стручна литература. Засега се откриени  парчиња од неколку камени мелници што укажува дека се работи за занаетчиски простории и градби, кои го опслужувале градот со разни различни предмети, поточно дека се работи за  занаетчискиот дел на градот, пласиран на неговата периферија. На површината каде се гледаат градежни камења, градежна керамика и садови, утврдена е и позиција на две некрополи, северно и јужно од населбата“, додава Велчовски. (Д.Т.)