Потребни ли се инклузивна лента и картичка за да ги забележиме лицата со попреченост?!

Ирена-Ира Лозана e предавач и тренер за самотрансформација, инклузија и создавање на инклузивна свесност, јога и зумба-инструктор за лица со типичен и нетипичен развој, планинар, но и мајка на три деца од кои едното кое има 13 години е со аутизам. Токму, поттикната од состојбата на нејзиното дете, но и од како што вели недостатокот и непостоењето на инклузија на многу нивоа во нашата држава, таа активно е вклучена во работата на повеќе здруженија за лица со попреченост и воопшто во активностите за инклузија на сите нивоа во системот

186

Колку во секојдневието ги забележуваме во нашата околина лицата со каква била попреченост. Што се прави тие да станат воочливи во општеството? Ова се прашања кои се наметнуваат во нашето секојдневно живеење, а одговор на нив дава Ирена-Ира Лозана, предавач и тренер за самотрансформација, инклузија и создавање на инклузивна свесност, јога и зумба-инструктор за лица со типичен и нетипичен развој, планинар, но и мајка на три деца од кои едното кое има 13 години е со аутизам. Токму, поттикната од состојбата на нејзиното дете, но и од, како што вели, недостаток и непостоење на инклузија на многу нивоа во нашата држава, таа активно е вклучена во работата на повеќе здруженија за лица со попреченост и воопшто во активностите за инклузија на сите нивоа во системот.

Тука сме, присутни сме во секојдневието

Таа работи на реализацијата на проектот „Сончогледи кон сонцето за видлива и невидлива попреченост”, иницијатива која е започната пред околу 3 години, во рамки на здружението „Куќа на среќата”.

-Главната цел на проектот е подигање на свеста за присуството на лицата со видлива и невидлива попреченост во нашето секојдневие и во нашата непосредна околина, а со тоа и да се направи простор за поинклузивно општество. Се работи за сериозен проект во рамките на кој беше создаден дизајн за инклузивната лента и картичка која ја носат лицата со видлива и невидлива попреченост. Дизајнирани се и неколку видови на постери кои ги информираат граѓаните за лицата кои ја носат инклузивната лента и како да се однесуваат со нив. Воедно, се работи и на обука за растење на инклузивната свесност кај граѓаните, наменета за вработените во градинките, училиштата, јавната администрација и сите други организации, посебно оние кои имаат услужна дејност и се во непосредна комуникација со лицата со попреченост – објаснува Ира Лозана.

Таа себеси најмногу се пронаоѓа како предавач на обуката за инклузивна свесност „Разбери, прифати, сакај”.

-Со оваа обука имам можност да го пренесам целото мое знаење и позитивни практики како родител на дете со попреченост, имам можност да им помогнам на луѓето како да ја сменат својата перспектива за тоа како ги гледаат и како да се однесуваат кон лицата со попреченост, а воедно комуникацијата која ќе ја остварат да е плодна, успешна и позитивна, независно од попреченоста. Конечно, задоволството при оваа работа е што имам можност да го пренесам сето она повеќегодишно искуство и знаење стекнато во работа со децата и семејствата и многу поминати обуки и едукации – потенцира Ира Лозана.

Јога за да се надминат предизвикувачките однесувања

Покрај тоа, таа е и наставник за јога за деца со посебни потреби, бидејќи како што вели јогата е една од технологиите врз основа на кои таа развила неколку методологии за работа со лица на кои им е потребна трансформација во позитивна насока.

-Методот што го користам при работа со лицата со попреченост, е наречен „невро соматска трансформација”, а часовите за деца, а особено оние со аутизам и слични невролошки поинаквости, започнав да ги работам најмногу поради моето дете кое е на аутистичен спектар – вели Ира Лозана.

Во потрага да најде начин како да му помогне на своето дете со предизвикувачките однесувања, со анксиозноста и самоповредувањето, почнала да истражува и, за среќа, со практиките кои произлегуваат од методот „НСТ” успеала да му помогне речиси целосно да ги надмине сите овие однесувања.

-Потоа, создадов визуелни картички за вежбање за олеснување на комуникацијата при вежбање, кои се исклучително полезни во работа со децата кои немаат воопшто или, пак, говорот не им е уреден – истакна Ира Лозана.

До појавата на пандемијата, часовите се одржувале во просториите на здружението „Арт оф ливинг”, но како и повеќето други и тие морале да се адаптираат на новите околности и се префрлиле на онлајн часови. Оваа година планирани се часови во неколку дневни центри за лица со попречености, па можно е тие да се префрлат и во некоја сала.

За нив, според Ира Лозана, часовите по јога се нешто ново и невообичаено. Иако, како што вели таа, вежбите бараат внимание и трпение, многу од децата сакаат да ги посетуваат и да вежбаат, бидејќи во рамките на часот сите заедно танцуваат „зумба“ како награда за добро завршен работа.

-Јогата е технологија која во себе содржи алатки за создавање на баланс и стабилност на целокупниот систем на човекот. Практиките кои произлегуваат од јогата се практики кои се научно докажани дека многу ефикасно и ефективно придонесуваат кон подобрување на менталното и физичкото здравје. Она на кое сме најмногу сконцентрирани во работата со децата и лицата со попреченост се справувањето со стресот, подигање на емоционалната интелигенција на децата и успешно справување со негативните емоции како гневот, стравот и вознемиреноста. Со подобрувањето на менталната и емоционалната состојба, многу полесно може да се работи на подобрувањето на физичката состојба на телото и балансирање на енергијата – наведува Ира Лозана.

Таа напоменува дека децата можат да работат во група, но вежбите и насоките се поинакви за секое дете, исто како што се и неговите потреби и состојбата на предизвиците кои се сака да се надминат. Овие јога-вежби, според Ира Лозана, се наменети за лица од сите возрасти, единствено што е поинакво, но не е причина да не се работи е видот и степенот на попреченоста.

– Практиките од јога и методата за НСТ се полезни за сите. Една од најважните практики се вежбите за дишење кои ги постигнуваат најважните и најтрансформативни ефекти. Накратко, кажано кој може да дише – може и да вежба. Исто така, постои нешто што е многу важно и карактеристично за овие часови. На часовите мора да присуствува и да вежба и еден од родителите. Ова е многу важно, бидејќи родителот е најважната личност во животот на детето – истакна Ира Лозана.

Таа додава дека целта на овие алатки е да се користат секојдневно и редовно, особено кога детето се справува со некакво предизвикувачко однесување. Исто така, потенцира дека менталната, емоционалната и физичката состојба на родителот е многу важна, бидејќи децата секојдневно ги гледаат и учат од своите родители.

-Спокоен и радосен родител е 80% завршена работа до спокојно и радосно дете. Кога родителот вежба заедно со детето, тоа е позитивниот пример кој ќе му даде и на детето поттик да се труди уште повеќе – смета Ира Лозана.

Часовите по јога обично се одржуваат во сабота изутрина за оние во група, а индивидуалните часови во договор со семејството, а се договара и начинот на кој ќе се одржуваат часовите.

Неопходна е поврзаност со природата

Едно од најголемите сознанија во кои, практично, Ира Лозана се уверила во изминативе две децении, работејќи на подобрување на својата психофизичка состојба, но и состојбата на нејзиното и на голем број други деца  е неопходноста од нашата постојана поврзаност со природата.

-Особено ефикасно се покажа нашето што почесто присуство во планините. Така, планинарството стана една од моите најголеми пасии во животот. Тоа е една од активностите кои повеќекратно ги зголемува ефектите на сè што работиме за подобрување на нашето севкупно здравје. Затоа и во изминативе неколку месеци активно работам за да може овој спорт да им се доближи и на лицата со попреченост. Исто така, од изминатата година со моето дете одиме и на адаптивно пливање на базенот во СЦ „Борис Трајковски“. Јас пливам заедно со децата, бидејќи знам колку е важно јас да бидам добриот пример кој тие по автоматизам го копираат – информира Ира Лозана.

Исто така, во последниве неколку години, таа заедно со неколку ентузијасти и волонтери ги организираат и најголемите забави за лица со попреченост „Да растеме заедно“, „Да играме заедно“, „Инклузивната роденденска забава“ и „Инклузивната новогодишна забава… „ Дел од овие настани се организирани во Детскиот културен центар „Карпош“, но најголемите забави се на „Школка“ во Градски парк.

-Следната забава на која ќе играме заедно ќе се одржи на „Школка“ во првата половина на месец април, каде што ќе бидам инструктор за зумба и ќе танцуваме заедно. Исто така, во рамките на проектите на здружението „Куќа на среќата” оваа година во тек на месец мај ќе се одржи и првата инклузивна штафетна трка „Заедно до целта”, во која првпат организирано ќе учествуваат мешани тимови на лица со типичен и нетипичен развој – најави Ира Лозана.

Исто така, во соработка со здружението „Доза среќа” во следниве неколку месеци ќе се одржат настани во рамките на кои децата со Даунов синдром ќе ги донираат своите изработки на присутните по повод на денот на вљубените, денот на мартинките, денот на жената и на Велигден.

(А.П.)