Новото засилување на Манчестер Јунајтед, Дони ван де Бек, се покажа како одлично завршена работа за еден од најтрофејните тимови во Премиер лигата. Холанѓанецот е убеден дека брзо ќе се вклопи во шемата на Оле Гунар Солскер благодарение на неговата разновидност.

Сепак, некои експерти се прашуваат дали 23-годишниот играч од средниот ред ќе добие место во стартната постава на „ѓаволите“ оваа сезона, со оглед на присуството на таа позиција од теренот на Бруно Фернандеш и Пол Погба. Двајцата беа одлична комбинација пред крајот на минатата сезона, но лошиот старт на Јунајтед и поразот од Кристал Палас (1-3) на првиот меч во Премиер лигата, ги загрижи фановите кои покажаа со прст токму кон дуото, лоцирајќи ги причините за неуспехот на тимот во воведниот меч од новата сезона.

Тоа ја отвори можноста во иднина Солскер што повеќе да смета на поранешниот играч на Ајакс, со оглед дека го постигна единствениот гол за домаќините. Од друга страна, Ван де Бек не е загрижен за конкуренцијата, бидејќи може да игра на неколку различни позиции.

  • Јас можам да играм каде било во средниот ред. Минатата сезона играв како шестка, осумка, десетка. Позицијата не ми е важна. Важно е да се стигне до шеснаесетникот, да се постигнуваат голови и да се асистира. Ако ја имам таа слобода, мислам дека можам да играм каде било, изјави Холанѓанецот за „Астро супер спорт“.

Инаку, Холанѓанецот е првото големо летно засилување на „црвените ѓаволи“, а на „Олд Трафорд“ пристигна од Ајакс за сума од 35 милиони фунти. Ван де Бек беше еден од најпосакуваните млади играчи од средниот ред во Европа за време на неговиот престој на „Јохан Кројф“ арената, а очекувањата за него во Манчестер Јунајтед не се мали.