Потпишан колективниот договор во културата

135

Вработените во културата конечно по 15 години добија колективен договор со кој ќе имаат регулирани работнички права, а од 1 јули следната година ќе бидат утврдени и коефициентите за платите. Договорот беше потпишан денеска од страна на Синдикатот на културата и Министерството за култура.

Договорот ќе придонесе до правичност во групирањето на работните места, праведна валоризација на трудот на вработените, остварување на правата на додатоци на плата, спречување на злоупотребата на вработените во културата, селективност и фаворизација во утврдување на правата по работен однос и регулирање на други релевантни прашања од работниот однос.

Овој колективен договор ги регулира работните односи на работниците во културата кои долги години не беа регулирани. Со потпишувањето ќе бидат регулирани работничките права, се валоризира трудот, се утврдуваат надоместоците и се заштитуваат сите права на вработените од културата, истакна министерот за култура Хусни Исмаили.

Од Синдикатот за образование, наука и култура се задоволни од потпишаниот колективен договор, но велат дека и во следниот период доколку има некакви неправилности ќе работат на нивно надминување.

– Моето убедување е дека во културата во која има вградено повеќе области невомзожно е да се најде идеален текст и идеален колективен договор. За таа цел, во соработка со Министерството за култура и колегите од Синдикатот за култура интензивно ќе работиме и во следниот период за надминување на сите отворени прашања со кои заеднички ќе утврдиме дека некаде можеби несвесно сме направиле грешка, рече претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура Јаким Неделков.

Во колективниот договор има одредба со која е загарантирано зголемувањето на платите во културата и тоа нема да зависи од исходот на предвремените парламентарни избори.

– Во колективниот договор постои клаузила која кажува дека платите ќе бидат исплатени од 1 јули. Без разлика кој ќе биде на власт, тие средства ќе бидат исплатени, рече Сања Арсовска од Синдикатот за култура.

Владата во саботата го овласти министерот за култура да го потпише колективниот договор, а Министерството за финансии го задолжи да ги обезбеди средствата за зголемување на платите.